Македонскиот филм „17“ продолжува да бележи успеси на светската филмска сцена. На свечената церемонија одржана на 16 јули во Ерусалим, дебитантското остварување на режисерката Косара Митиќ ја доби GWFF наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм во рамките на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим.
За добитникот одлучуваше меѓународно жири составено од Корина Харфух, Марк Беноа Креансие и Јона Розенкиер. Во образложението беше наведено дека „17“ е „суров, бескомпромисен и силен уметнички удар“, кој преку извонредна режија и актерска игра отвора тема за долго премолчуваното насилство со кое општеството мора да се соочи.
Филмскиот фестивал во Ерусалим е еден од најзначајните филмски настани во Израел и секоја година прикажува повеќе од 200 филмови од светската арт хаус продукција, привлекувајќи десетици илјади посетители и филмски професионалци.
Ова признание доаѓа само неколку месеци по светската премиера на „17“ во официјалната натпреварувачка програма „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал. Со тоа, филмот стана првиот македонски дебитантски игран филм по 26 години што се натпреварувал во официјална програма на еден од трите најголеми светски филмски фестивали.
„17“ е македонско српско словенечка копродукција, поддржана од Агенцијата за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и SEE Cinema Network. Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и хрватскиот сценарист Огњен Свиличиќ, а продуцент е „Црна Мачка Продукција“ во соработка со партнерски компании од Србија и Словенија.
Главните улоги ги толкуваат младите актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а во актерската екипа настапуваат и Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.