Македонската филхармонија во четврток, на 1 октомври, ја отвора новата концертна сезона во Скопје со изведба на Четвртата симфонија од Густав Малер. Како солист во финалниот став ќе настапи 13-годишниот сопран Алексис Изар Гордон, член на Оперското училиште на Виенската државна опера, кој пред симфонијата ќе ја изведе и „Аве Марија“ од Франц Шуберт. Со оркестарот ќе раководи маестро Александар Гордон.
Алексис Изар Гордон, иако има само 13 години, зад себе веќе бележи искуство во продукции на Виенската државна опера и настапи со Виенската филхармонија. Неговиот репертоар опфаќа дела од Бах, Моцарт и Бернштајн. Во Малеровата Четврта симфонија како сопрански солист дебитирал на десетгодишна возраст, а ова концертно отворање во Скопје претставува негово враќање кон истото комплексно вокално-симфониско дело.
Четвртата симфонија е последната од трите таканаречени „Вундерхорн“ симфонии на Малер, инспирирани од збирката народна поезија „Чудесниот рог на момчето“. Нејзино јадро е песната „Das himmlische Leben“ (Небесниот живот), сместена во четвртиот став. Малер таму ја поставува визијата за рајот не преку грандиозен триумф, туку низ наивен поглед на дете, каде што се испреплетуваат разиграноста и спокојот. Мотивите од оваа песна композиторот суптилно ги внесува уште од почетните ставови, создавајќи партитура во која тишината и боите на инструментите имаат еднаква тежина како и звучната маса.
Делото започнува со ѕвончиња на санки, инструмент што за скопскиот концерт го обезбеди диригентот Гордон, пред музиката да влезе во специфични стилски прекршувања. Во вториот став концерт-мајсторот користи соло-виолина намерно наштимана цел тон повисоко, со цел да се добие остар и необичен звук што го претставува ликот Freund Hein (Смртта) во форма на народна игра. По бавниот трет став Ruhevoll, кој преку смирени варијации кулминира во блескав Е-дур, симфонијата преоѓа во финалето каде детскиот глас го носи завршниот спокој на композицијата.