Светската фудбалска федерација ФИФА се откажа од спорните инвестициски планови за продажба на удел во Светското првенство, откако проектот предизвика остри реакции и отпор од неколку големи фудбалски организации.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во соопштение објавено во текот на ноќта потврди дека предлогот повеќе нема да се разгледува.
Инфантино попушти по притисокот
Со повлекувањето на проектот, Инфантино практично попушти под притисокот што растеше во последните денови.
„Откако внимателно ги слушавме сите ставови, стана јасно дека проектот доведе до поделби кои, без оглед на нивото на поддршка што ја има, повеќе не се во интерес на целта кон која првично се тежеше“, изјави Инфантино.
Спорниот план предвидувал продажба на дел од сопственичките права на Светското првенство на инвеститори, во договор вреден повеќе милијарди долари.
Според медиумските извештаи, со продажба на околу 20 проценти од акциите требало да се соберат до 4,2 милијарди американски долари.
УЕФА се закани со бојкот
За реализација на планот, ФИФА имала намера да основа подружница, ФИФА Форвард Ентерпрајз. Според извештаите, светската федерација им дала рок на своите членки до 19 септември да го одобрат планираниот договор со инвеститорите, со ветување за посебна финансиска исплата.
Сепак, фудбалските организации од Европа, Азија, како и Северна и Централна Америка и Карибите, се изјасниле против планот. Тоа му оневозможило на Инфантино да обезбеди мнозинство меѓу 211-те национални асоцијации членки на ФИФА.
УЕФА дури се закани дека ќе го бојкотира Светското првенство доколку предлозите останат на сила.
„Ниту еден национален тим на УЕФА нема да учествува во ниту едно натпреварување на ФИФА сè додека овие предлози останат на сила“, соопшти УЕФА по итниот состанок во четвртокот.