Search

Фестивалот „Нихон-џи“ ја носи јапонската култура во Скопје

„Овој фестивал е спојување на различностите и спротивностите под една заедничка цел за соработка и солидарност, и токму затоа програмата ја исполнивме со активности и учесници кои го илустрираат токму тоа“

Неформалната организација Japan@mk втора година по ред го организира  фестивалот „Нихон-џи“, кој е прв и единствен од овој тип во Македонија.

Овој фестивал на едно место собира љубители на јапонската традиционална и поп култура, вклучувајќи ликовна уметност, филм, музика, наука, технологија, мода, видео игри, гастрономија, боречки вештини, манга, косплеј, хаику и традиционални изработки.

Темата на овогодинешното издание на Нихон-џи е „Неонски бранови“, што во суштина претставува рефлексија на јапонското културно влијание во Mакедонија и совршена мешавина од традиција и технологија. Нихон-џи е оној културен бран кој ја носи прецизноста, одговорноста, дисциплината и технолошката развиеност кон нас.

„Овој фестивал е спојување на различностите и спротивностите под една заедничка цел за соработка и солидарност, и токму затоа програмата ја исполнивме со активности и учесници кои го илустрираат токму тоа“, изјавија организаторите.

Фестивалот ќе го отвори амбасадорот на Јапонија лично со свој музички настап на гитара. Потоа, публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, и технологија. Ќе има презентација на боречки вештини, но и забавни дебати и квизови за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот во чии рамки ќе се одржат три турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.

За разлика од своето деби издание, Нихон-џи 2.0. овојпат на љубителите на ликовната уметност им нуди двојна, а со тоа и многу побогата уметничка изложба која ќе облагороди две простории во Мала Станица.

„Ќе прикажеме две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, како Жарко Башески, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Љупка Делева, Дејан Спасовиќ и Златко Крстевски, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавиле на отворениот повик. Македонски хаику поети ќе читаат своја хаику поезија, а ќе имаме и музички настапи во живо на Елена Христова, џез квартетот Maribosi, но и DJ сет на Andrea Hz. Дополнително, публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултет за техничка науки – Универзитет “Мајка Тереза” инспирирани од јапонска мода и традиционална облека“, велат организаторите.

Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот, каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга, облека инспирирана од јапонската култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.

Најново

Последни колумни