Во МКЦ отворен Стрип Трип фестивалот – награда за Никола Колја Гелевски

Фестивалот „Стрип Трип“ започна на 5 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје со отворање на изложби, доделување на наградата „Македонско стрип наследство“ на Никола Гелевски и вечерна програма посветена на творештвото на српскиот стрип-автор Алекса Гајиќ.

Четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ започна вечерта на 5 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје со отворање на изложби, доделување на наградата „Македонско стрип наследство“ на Никола Гелевски и вечерна програма посветена на творештвото на српскиот стрип-автор Алекса Гајиќ.

Фестивалот го отвори Игор Јовчевски, кој во воведното обраќање ги најави гостите и програмските активности на годинешното издание. На отворањето беше оддадена почит и на неодамна починатиот доајен на македонскиот стрип Диме Иванов – Димано (1946–2026), еден од претходните добитници на наградата „Македонско стрип наследство“ во 2023 година. Публиката проследи и краток исечок од интервју со Димано, во кој тој говори за својата посветеност на стрипот како начин за претставување на македонската историја.

Првиот фестивалски ден продолжи со тоа што на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски му беше врачена наградата „Македонско стрип наследство“, како признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.

Наградата на Гелевски му беше доделена за неговиот долгогодишен придонес во развојот, афирмацијата и видливоста на современиот стрип. Гелевски, главен уредник на „Окно“ и на издавачката куќа „Темплум“, од 1990 година има објавено околу 700 изданија, меѓу кои значајно место заземаат стриповите и графичките новели. Под псевдонимот Пандалф Вулкански го урадуваше списанието за стрип „Лифт“, кое во втората половина на 1990-тите се етаблира како едно од важните места за афирмација на македонскиот алтернативен и авторски стрип. Неговиот ангажман продолжи и преку едицијата за графички новели „Лифт“, годишната награда за стрип „Лифт“, како и преку сопствените авторски проекти, меѓу кои обемниот стрип-проект „Лабрис“, создаван во коавторство со Александар Станковски.

Во последователниот разговор со Ивица Дуковски, Гелевски посочи на неговите корени за интерес кон стрипот во време на бивша Југославија кога трафиката била своевидно свето место за љубителите, и дека дека целата негова работа по независноста од незаинтересираноста на институциите да работат на унапредување на современите културни вредности. При тоа тој се заблагодари на сите што наспроти лошите општествено-екномски услови придонеле заедно со него, како неговиот брат Небојша Гелевски – Бане и студиото „Кома“, како и круговите во кои се движел во текот на кариерата, комбинирајќи го интересот за книжевноста, ликовната уметност и стрипот кој кога е квалитетен е нивна синтеза.

Никола Гелевски на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.
Никола Гелевски на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.

Во врска со „Лабрис“ Гелевски укажа дека се направени над 900 табли од кои само околу половина се објавени. На прашањето дали ќе биде ре/објавен тој рече дека наградата му повлијаела да размисли за тоа, бидејќи стрипот кој содржи е одраз на времето и начинот на кои е создаден, преку динамичната и понекогаш хаотична интеракција меѓу двајцата автори.

Давор Драмиќанин и Алекса Гајиќ на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.
Давор Драмиќанин и Алекса Гајиќ на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.

Во рамки на вечерната програма се одржа и панел со реномираниот српски стрип-автор Алекса Гајиќ, заедно со промоцијата на неговата книга „Проширено поле на стрипот“. Во разговорот со Давор Драмиќанин тој укажа дека низ неговата работа тој балансира меѓу комерцијални проекти и работа за своја душа која опфаќа правење стрипови во разни форми, меѓу другото и преку физички објекти, како и интегрирање на работата на стрип и анимација. На пример, од работата на филмот „Едит и јас“ истовремено произлегол и стрипот „Технотајз“, еден од класиците на балканскиот сајберпанк.

Програмата во кино „Фросина“ продолжи со прикажување на неговиот краток анимиран филм „Крал на ништо“ од 2024 година, додека вечерта заврши со афтер на платото на МКЦ.

„Стрип Трип“ годинава се одржува од 5 до 7 јуни и носи богата програма со изложби, промоции, панели, мастерклас, работилница, цртачки сесии, берза на стрипови, друштвени игри, поткаст во живо и диџеј сетови.

Главен гостин на фестивалот е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „Беше еднаш на Истокот“. Делото веќе привлече внимание на италијанската стрип-сцена, а на фестивалот ќе биде промовирано и неговото македонско издание.

Во меѓународната програма учествуваат и Белкис Аксу од Турција, која ги претставува своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип. Македонската стрип-сцена е претставена преку повеќе автори, меѓу кои Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски.

Дел од изложбите на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.
Дел од изложбите на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, 5 јуни 2026. Фото: Мета.мк.

Ко-организатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“. Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар.

извор: мета.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс