Филмот „Држи се за мене“ на кипарската режисерка Мирсини Аристиду ќе го отвори годинашното издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, кој ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Гевгелија и Струмица. Организаторите најавуваат богата филмска програма, бројни гости и специјални проекции посветени на истакнати македонски филмски уметници.
На денешната прес-конференција, директорот на фестивалот Јани Бојаџи соопшти дека годинашен добитник на наградата „Мето Јовановски“ е актерот Тони Наумовски. Тој истакна дека актерството е професија на постојано учење и нагласи дека Наумовски со својата кариера во театарот, телевизијата и филмот, како во Македонија така и во Њујорк, оставил значаен белег.
Тони Наумовски, заблагодарувајќи се за признанието, истакна дека наградата ја доживува како голема чест и потсети на огромното културно наследство што зад себе го остави Мето Јовановски. Наумовски минатата година за улогата во филмот „Лена и Владимир“ освои 14 награди за актерско остварување, а филмот беше прикажан на повеќе од 80 фестивали низ светот.
Селекторот на програмата Златко Гелески најави шест филма во официјалната конкуренција. Покрај „Држи се за мене“ од Кипар, во главната селекција се и „Коцкарот“ на Мохсен Бахари од Иран, „Кома“ на Агим Абдула од Македонија, „Месо“ на Димитер Стојанович од Бугарија, „Одразот во мртвиот дијамант“ на Елен Кате и Бруно Форцани од Белгија, како и „Кармадона“ на Александар Радивојевиќ од Србија.
Покрај долгометражните филмови, програмата опфаќа 16 краткометражни филмови, од кои десет се домашни продукции, шест се странски, како и 13 студентски филмови од трите филмски факултети во земјава.
Во чест на лауреатот Тони Наумовски ќе бидат прикажани филмовите „Мојот Њујорк“ и „Лена и Владимир“, додека во чест на Мето Јовановски публиката ќе има можност повторно да го погледне филмот „Павилјон“. Во програмата се вклучени и специјална проекција на „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски, како и три етнолошки филмови.
Годинашна земја во фокус е Иран, па публиката ќе може да проследи четири филма од современата иранска кинематографија. Предвиден е и панел на тема за иднината на современиот ирански филм, на кој ќе учествуваат Мехрдад Хамнеи, Агим Абдула и филмологот Дамјана Ивановска.
За наградите во официјалната селекција ќе одлучува меѓународно жири составено од продуцентот Мирослав Митиќ, режисерката Елеонора Венинова и француската претставничка Емили Ришел. Во рамките на фестивалот ќе се организираат и работилници посветени на иранскиот филм, вештачката интелигенција во кинематографијата и авторскиот филм.