Десеттото издание на „ArtArea“ носи промоции, изложба и џез во Лабораториум

Јубилејниот фестивал се спојува со „Крошна“ од 18 до 20 септември во Скопје преку заедничката иницијатива посветена на мирот.

Јубилејното десетто издание на книжевниот фестивал „ArtArea“ и четвртото издание на фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“ ќе се одржат од 18 до 20 септември во културниот центар Лабораториум. Под мотото „Следна станица – мир“, издавачките куќи Бегемот и Сказнувалка подготвија тридневна програма со десет промоции на книги, изложба на фотографии, креативни детски работилници, дебата за издаваштвото и џез-концерт. Влезот за сите настани е слободен.

Трите фестивалски дена во просторот на Лабораториум ќе бидат заокружени со постојани содржини. Публиката ќе може да ја погледне самостојната изложба на фотографии „Трети простори“ од авторот Теодор Тасевски. Паралелно со изложбата, во текот на целиот фестивал ќе функционира мал саем на книги со понуда на современи македонски и преведени европски изданија.

Иницијативата „Следна станица – мир“ се реализира со финансиска поддршка од програмата Креативна Европа. Фокусот на програмата е насочен кон автори и дела што ја отвораат темата за општествените конфлити и создаваат простор за дијалог.

Официјалната програма започнува во петок, на 18 септември, во 19:00 часот на Главната сцена. Првиот настан е промоцијата на романот „Ќерките на генералот“ од албанската авторка Мимоза Хиса, објавен од издавачката куќа Чудна шума. Во разговорот учествуваат Билјана Црвенковска и Јордана Шемко-Георгиевска.

Вечерта продолжува во 20:00 часот со претставување на новиот роман на Пајо Авировиќ насловен „Пат за Бутан“, во издание на Бегемот, за кој авторот ќе разговара со Ѕвездан Георгиевски.

Во 21:00 часот на истата сцена следува промоција на македонскиот превод на романот „Теренски истражувања на украинскиот секс“ од украинската писателка Оксана Забужко. На промоцијата за книгата ќе говорат Катерина Шекутковска, самата авторка и Ивана Јовановска.

Саботната програма на 19 септември започнува напладне со едукативни содржини за деца и наставници. Во 12:00 часот Доротеј Нешовски ќе води работилница инспирирана од сликовницата „Мост“ од Хајнц Јаниш, наменета за деца од четири до осум години. Веднаш потоа, во 13:00 часот, педагози и психолози ќе одржат стручен час за улогата на сликовниците во градењето ненасилна комуникација кај младите.

Попладневниот блок носи серија промоции од 18:00 часот. Започнува со дебата за класичното политичко-филозофско дело „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент, во издание на Илика. За книгата ќе дебатираат Катерина Јосифовска, Ана Димишковска и Ивана Хаџиевска. Во истиот термин во Галеријата на Лабораториум заседава читачкиот клуб „Планета НАДЕЖ“ со авторките Мимоза Хиса и Ива Базиновиќ-Хејдон.

Во 19:00 часот следува промоција на книгата „Патувања од другиот џеб“ од Васко Марковски, а истовремено во дворот Владимир Лукаш и Ѓорѓе Јовановиќ ќе изведат перформанс според романот „Целзи“. Во 20:00 часот Владимир Јанковски и Оливера Ќорвезироска ќе го претстават романот „Секојдневието на Војомир“ од Филип Димевски.

Саботната вечер завршува со џез-концерт во 21:00 часот на Главната сцена, каде што ќе настапи составот „Галактик Ефенди“ во состав Филип Букршлиев, Дориан Јовановиќ, Спиридон Никофоровски и Дарио Циевски.

Последниот фестивалски ден, 20 септември, нуди трибина за практичните предизвици во издаваштвото. Во 13:00 часот писателката Хана Корнети, книжевната преведувачка Елена Конеска Светиева и правничката Магдалена Лазаревска ќе дебатираат на тема „Авторските права во светот на издаваштвото: создавање, преведување и заштита на книгите“. Претходно, во 12:00 часот, се одржува работилница за деца според сликовницата „Те сакам (безмалку) секогаш“ од Ана Лјенас.

Вечерниот термин во недела е целосно резервиран за домашната поезија. Ѓоко Здравески во 19:00 часот ќе ја промовира збирката „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески. Еден час подоцна, во 20:00 часот, Мартин Манев ќе разговара со Николина Андова Шопова за нејзината нова поетска збирка „Во куќата“.

Фестивалот се затвора во 21:00 часот со промоција на книгата „Вардарска“ од Марија Грубор. За книгата ќе говори Елена Пренџова, а настанот ќе прерасне во поетско-музички перформанс со музичка придружба на Филип Букршлиев, Андреа Мирческа и Никола Ивановски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс