Триесет и едногодишна жена е убиена во Битола, а за убиството е осомничен нејзиниот сопруг. Според првичните информации, случајот се случил во битолската населба Баир и се води како убиство на жена од интимен партнер, односно фемицид.
Овој случај повторно ја отвора болната тема за насилството врз жените во земјава и за тоа колку институциите навреме ги препознаваат ризиците што може да завршат со најтешка последица. Фемицидот не е изолиран чин на насилство, туку најекстремна форма на родово-базирано насилство, најчесто поврзана со претходна контрола, закани, семејно насилство или институционално непрепознаен ризик.
Според податоците, од 2023 година до ноември 2025 во Македонија биле убиени 18 жени и две малолетни девојчиња. Од нив, според податоците на МВР, седум биле жртви на семејно насилство. Невладините организации предупредуваат дека токму проценката на ризикот е една од клучните точки во превенцијата на фемицидите.
Земјава е меѓу најризичните во Европа според стапката на убиства на жени од интимни партнери или членови на семејството. Евростат во 2023 година, објави дека Македонија е на третото место во Европа по бројот на фемициди, зад Литванија и Латвија.
Во европскиот пресек за 2023 година наведува дека во Европската Унија 4,1 жени на еден милион биле жртви на намерно убиство од членови на семејството или интимни партнери, речиси двојно повеќе од стапката кај мажите во ист контекст. Овие податоци ја потврдуваат пошироката европска слика дека домот и интимната врска за многу жени остануваат место на сериозен ризик, наместо простор на безбедност.
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, нотира дека од 2014 до 2024 година во Македонија биле извршени 40 обиди за убиство на жени, а 75 жени биле убиени. Организациите бараат подобро документирање на случаите, поефикасна институционална реакција и системска проценка на ризикот пред насилството да заврши со смртна последица.
Убиството во Битола затоа не може да се чита само како уште една црна хроника. Тоа е ново предупредување дека фемицидите во Македонија се општествен и институционален проблем, кој бара брза реакција, заштита на жртвите и одговорност во секој случај во кој насилството било пријавено, препознаено или игнорирано.