По смртта на македонскиот кантавтор Владо Јаневски, неговите обожаватели утре (30 јуни) ќе организираат собир во негова чест на платото пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Настанот, кој започнува во 20 часот, го организира „Прагма продукција“, со која Јаневски ги реализираше своите концерти во Античкиот театар во Охрид во 2024 и 2025 година.
„Ќе се собереме за последен пат да му оддадеме почит на Владо Јаневски. Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето ‘благодарам’, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат. Ги повикуваме сите што го сакаа, почитуваа и растеа со неговата музика да ни се придружат. Да го испратиме достоинствено, со песна, со тишина и со љубов. Затоа што легендите никогаш не умираат. Тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ“, порачаа од продукцијата.
Владо Јаневски почина на 28 јуни по кратко боледување, оставајќи зад себе богата музичка кариера и песни кои со децении се дел од македонската музичка сцена. Собирот пред арената „Борис Трајковски“ ќе биде можност неговите почитувачи заеднички да му оддадат последна почит.