Европскиот суд за човекови права ја осуди Италија дека го загрозува животот на луѓето поради нелегално одлагање токсичен отпад во покраината Кампанија, што довело до зголемен број на заболени од рак и загадување на подземните води.
Со пресудата се утврди дека државата е виновна за прекршување на правото на живот на граѓаните така што не се „погрижила за проблемот со одлагање отпад на приватна земја што „често го прават организирани криминални групи“ во област во која живеат околу 2,9 милиони луѓе.
Во таа област, наречена „земја на огнови“ поради огромните количества токсичен отпад, е забележано зголемување на стапката на рак и загадување на подземните води, соопштил судот.
„Судот особено утврди дека италијанската држава не успеала да се справи со оваа сериозна ситуација со потребната должна внимание и експедитивност, иако била свесна за проблемот многу години, особено во процената на проблемот, спречувањето на неговото продолжување и комуникацијата со јавноста“, се вели во соопштението на судот.
Случајот го покрена 41 италијански жител на покраините Казерта и Наполи и пет регионални организации со седиште во Кампанија. Владата сега има две години да „изготви сеопфатна стратегија“ за решавање на проблемот со нелегалното одлагање отпад во Кампанија, вклучително и формирање на „независен механизам за мониторинг“.
Ова не е прв пат Европскиот суд да ја осуди Италија за неадекватно управување со опасен отпад, особено во регионот Кампанија, каде што мафијата Камора имала значајна улога во нелегалното одлагање отпад, потсетува бриселскиот портал Политико.
Судот на правдата на Европската унија во 2010 година пресуди дека Италија го прекршила законот на ЕУ бидејќи не обезбедила адекватно одлагање на отпадот во тој регион.
По пресудата, во декември 2014 година, судот ја казни Италија со 40 милиони евра затоа што не го реши овој проблем, што беше најголема парична казна изречена против земја членка на ЕУ во тоа време. Во 2015 година, судот ја казни Италија со дополнителни 20 милиони евра и изрече дневна парична казна од 120.000 евра додека проблемите не се решат.