Холандија сепак се враќа на Евровизија во 2027 година

Јавниот сервис НПО го презеде управувањето откако АВРОТРОС одби да учествува поради Израел и состојбата во Газа.

Холандија официјално ќе учествува на фестивалот за песна на Евровизија во 2027 година, соопшти националната чадор-организација на јавните радиодифузери НПО. Одлуката става крај на бојкотот што претходно го најави матичниот радиодифузер АВРОТРОС поради учеството на Израел. Изборот и логистичката поддршка на холандскиот изведувач за сцената во 2027 година целосно ќе ги преземе независен стручен тим под директен надзор на НПО.

Пресвртот доаѓа по одлуката на холандскиот радиодифузер АВРОТРОС да го откаже учеството за претходното издание во 2026 година, кога Европската радиодифузна унија (ЕБУ) му дозволи настап на Израел. Како причини за повлекувањето, АВРОТРОС тогаш ги наведе хуманитарната криза во Појасот Газа, ограничувањата на медиумските слободи и политичките притисоци врз натпреварувањето.

Бидејќи раководството на АВРОТРОС процени дека геополитичките тензии на Блискиот Исток сè уште премногу влијаат врз фестивалот и одби да се врати дури и во 2027 година, ингеренциите за евровизискиот проект му беа вратени на централниот радиодифузен систем.

Чадор-организацијата НПО во меѓувреме отвори директни консултации со раководството на ЕБУ. Од НПО наведуваат дека европската унија презела конкретни чекори за измена на правилата на натпреварувањето, делумно притисната од критиките на дел од европските јавни сервиси. Постигнат е договор фокусот на фестивалот повторно да се врати кон музиката.

Претседателката на управниот одбор на НПО, Јет де Раниц, потврди дека одлуката не била едноставна со оглед на поделените мислења во холандската јавност околу настапот на евровизиската сцена. Според договорениот модел, земјата ќе испрати свој претставник без да се чека промена на ставот на АВРОТРОС.

е-Трн да боцка во твојот инбокс