Европските мориња се прегреваат: што значи тоа за климата и живиот свет?

Европските мориња бележат рекордно високи температури, а научниците најголем дел од загревањето го поврзуваат со климатските промени.

Површинските температури на морињата долж речиси сите европски брегови ова лето се значително над просекот, а научниците најголем дел од загревањето го поврзуваат со климатските промени.

Најпогодени се западниот Медитеран, Бискајскиот Залив и Пиринејскиот Полуостров, каде што на места температурите се и повеќе од шест степени Целзиусови над вообичаеното ниво.

Истражувачката мрежа „Ворлд Ведер Атрибјушн“ ги споредила јунските температури на морската површина со климатски модели. Анализата покажала дека глобалното затоплување ја зголемило просечната температура за околу два степени во Средоземното Море, 1,4 степени во Бискајскиот Залив и западниот дел од Пиринејскиот Полуостров, како и 1,3 степени околу Ирска и западниот брег на Велика Британија.

Топлотните бранови погодиле околу 90 отсто од бреговите на Бискајскиот Залив и Пиринејскиот Полуостров, како и 80 отсто од западниот Медитеран. Без влијанието на човековото загревање, истражувачите проценуваат дека овие удели би биле значително помали.

Екстремно топлите мориња можат да ги нарушат морските екосистеми и синџирите на исхрана, а со тоа да влијаат и врз бројноста на морските цицачи и птици. Повисоките температури можат да придонесат и за посилни бури и екстремни временски настани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс