Имате стан во Европа? Еве каде даноците „го јадат“ профитот, а каде сопствениците речиси не плаќаат

Разликите меѓу европските држави се огромни – додека во некои земји сопствениците плаќаат високи даноци на секој чекор, други речиси целосно ги ослободуваат од дел од обврските.

Купувањето недвижност во Европа не завршува со плаќањето на купопродажната цена. Сопствениците се соочуваат со даноци при купување, годишни давачки за сопственост, данок на приход од изнајмување и данок на капитална добивка при продажба.

Но, разликите меѓу европските држави се огромни – додека во некои земји сопствениците плаќаат високи даноци на секој чекор, други речиси целосно ги ослободуваат од дел од обврските.

Според податоците на Global Property Guide, кој го следи даночното оптоварување на недвижностите во повеќе од 80 земји, Белгија е една од најскапите земји за сопствениците на имот, додека Кипар и Малта се меѓу најповолните дестинации во Европа.

Белгија – европски лидер по даночно оптоварување

Белгија се издвојува како земја каде сопствениците на недвижности се соочуваат со високи трошоци при купување, изнајмување и продажба.При купување недвижност, данокот на пренос може да достигне до 12,5 проценти од вредноста на имотот. Тоа значи дека за стан или куќа вредна 500.000 евра, купувачот во одредени региони може веднаш да плати околу 62.500 евра данок.

Системот зависи од регионот, па правилата се различни во Брисел, Валонија и Фландрија, но Белгија останува меѓу земјите со најголеми трошоци при купување недвижност.

Данок на изнајмување: Данска и Белгија меѓу најскапите

За оние кои купуваат имот за изнајмување, најважен е данокот на приход од кирија. Кај месечен приход од 1.500 евра, највисок товар има: Данска – 42,11%, Холандија – 36%, Финска – 30%. На спротивната страна е Кипар, каде данокот започнува од нула проценти, додека Луксембург има минимална стапка од околу 2,94%.

Кај повисоки приходи од изнајмување, односите се менуваат. За приход од 12.000 евра месечно, најголемо оптоварување има: Белгија – 47,27%, Данска – 43,22%, Германија и Грција – околу 41%

Каде купувањето недвижност е најевтино?

Не сите европски земји наплаќаат данок при купување.

Најповолни се: Естонија – нема данок на пренос на недвижности, Чешка – нема данок на пренос и Литванија – околу 0,4%. За споредба, во Белгија купувачот може да плати повеќе од 10 пати поголем износ.

Годишен данок: најголеми разлики меѓу државите

Годишниот данок на недвижности е најтешко да се спореди бидејќи државите користат различни основици. Некои го пресметуваат според пазарната вредност, други според катастарската вредност која може да биде многу пониска.

За недвижност вредна околу 300.000 евра, приближните годишни трошоци се Велика Британија: 2.000 – 3.200 евра, Франција: 700 – 1.800 евра, Шпанија: 700 – 1.800 евра и Германија: зависно од општината, генерално пониски износи

Најголемо олеснување имаат сопствениците во: Кипар – нема годишен данок на недвижности, Малта – нема годишен данок на недвижности

Продажба на имот: Данска зема најголем дел од заработката

При продажба на недвижност, најголема разлика прави данокот на капитална добивка. Во Данска, заработката од продажба може да се оданочи со стапка до 52,07%. Ако сопственик заработи 250.000 евра од продажба, данокот може да достигне околу 130.000 евра.

Сосема различен пристап има Малта, каде капиталната добивка не се оданочува на класичен начин, туку се плаќа данок на продажната цена. Во Германија, продажбата по повеќе од 10 години сопственост вообичаено е ослободена од данок.

Кипар и Малта – рај за сопствениците на недвижности?

Кога ќе се соберат сите фактори – купување, сопственост, изнајмување и продажба – Белгија се издвојува како една од најскапите земји за сопствениците на имот во Европа. На другиот крај се Кипар и Малта, кои нудат многу поповолен даночен систем: немаат годишен данок на недвижности, имаат пониски давачки за изнајмување, нудат поволни правила при продажба.

Заклучокот на анализата е дека цената на недвижноста е само првиот трошок. Вистинската вредност на инвестицијата зависи од тоа колкав дел од заработката сопственикот може да задржи по плаќањето на сите даноци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс