Европската комисија ги повика девет држави од Шенген-зоната постепено да ги укинат привремените гранични контроли што ги спроведуваат на внатрешните граници подолго од една година.
Станува збор за Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Словенија, Шведска и Норвешка. За овие земји Комисијата објави посебни мислења за оправданоста и пропорционалноста на мерките што се во сила повеќе од 12 месеци.
Од Брисел признаваат дека државите се соочуваат со безбедносни предизвици и миграциски притисоци, но нагласуваат дека контролите во рамки на Шенген мора да останат исклучителна и привремена мерка.
Европската комисија оценува дека постојат поефикасни начини за справување со безбедносните ризици, без да се ограничува слободното движење на луѓето.
„Постојат поефикасни и поделотворни алтернативи на внатрешните гранични контроли“, порача Комисијата.
Како можни решенија се наведуваат полициски проверки врз основа на проценка на ризик, мобилна биометриска идентификација и технологии за следење возила.
Според Комисијата, многу земји веќе користат несистематски полициски проверки базирани на разузнавачки податоци, кои можат дополнително да се прошират и постепено да ги заменат граничните контроли.
Комисијата предупредува дека внатрешните гранични контроли не ја погодуваат само земјата што ги воведува, туку и соседните држави, жителите на пограничните региони, работниците што секојдневно преминуваат граница, економијата и регионалната соработка.
Затоа Брисел препорачува деветте држави постепено да ги укинат постојните контроли, да користат алтернативни безбедносни мерки и да ја зајакнат соработката со соседите.
Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, порача дека слободата на движење е една од темелните вредности на Европската Унија.
„Шенген е едно од најголемите европски достигнувања. Тој ја симболизира слободата на движење за повеќе од 450 милиони луѓе. Нашите мислења испраќаат јасна порака: кога контролите повторно се воведуваат, тие мора да останат привремени и исклучителни“, изјави Виркунен.