Сè поскапите гориво и енергија не го погодуваат само семејниот буџет, за дел од Европејците тие веќе значат откажување од работи што директно влијаат врз квалитетот на животот, па дури и врз здравјето. Годишното истражување на Ипсос и „Секур популер франсе“ покажува дека околу 29 отсто од Европејците живеат во несигурни финансиски услови, додека 73 отсто стравуваат дека нема да можат да ги покријат трошоците за гориво.
Истражувањето опфатило 10.000 полнолетни лица во Франција, Германија, Грција, Италија, Молдавија, Полска, Португалија, Романија, Обединетото Кралство и Србија.
Се откажуваат од храна, здравствена грижа и посети на блиски
Во изминатата година, повеќе од секој трет испитаник во Европа се откажал од значајни трошоци, вклучително и за храна или здравствена грижа, за полесно да ги покрие сметките за енергија и гориво. Разликите меѓу земјите се значителни. Во Молдавија и Грција луѓето многу почесто се принудени на вакви откажувања отколку во Германија и Обединетото Кралство.
Кога станува збор за трошоците за гориво, првите нешта од кои луѓето се откажуваат се одморите, а потоа следуваат посетите на роднини и блиски кои живеат подалеку. Речиси три од десет Европејци велат дека се откажале и од користење автомобил за одење на работа поради високите трошоци, дури и кога тоа значи дека патувањето до работното место ќе им трае значително подолго.
Најзагрижувачки е податокот за здравствената грижа: 23 отсто од испитаниците изјавиле дека пропуштиле лекарски прегледи поради зголемените трошоци.
Грците и Италијанците најзагрижени за горивото
Меѓу десетте анализирани земји, најголема загриженост поради трошоците за гориво покажале испитаниците во Грција, Италија и Португалија. Во Португалија цените на горивото и дизелот достигнаа рекордни нивоа на 7 септември. Станува збор за најголем скок на цените во последните четири години, додека цената на дизелот е највисока досега.
Дополнителен притисок врз европските домаќинства создава и растот на цените на нафтата. По обновените напади врз бродовите во Ормускиот Теснец, цената на северноморската нафта „брент“ во средата, 9 септември, надмина 100 долари за барел и остана над тоа ниво и во четвртокот наутро. Војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток дополнително ја влошуваат ситуацијата со енергенсите и горивата.
Се греат помалку, исклучуваат апарати и се тушираат со ладна вода
Европските домаќинства не штедат само на патувања и здравствени услуги. Речиси седум од десет испитаници примениле барем една мерка за намалување на сметките за енергија, а нешто повеќе од половина велат дека применуваат повеќе мерки истовремено.
Тоа вклучува намалување или целосно исклучување на греењето во одредени простории, поретко користење на апарати за домаќинство, но и поекстремни начини на штедење, како туширање со ладна вода. Во Франција и Грција испитаниците најчесто велат дека го исклучуваат греењето во одредени простории. Во Молдавија, пак, почеста стратегија е целосно да не се користат одредени апарати.
Податоците покажуваат дека енергетската криза веќе не се мери само преку висината на сметките. За значаен дел од европските домаќинства таа станува прашање на избор – што ќе си дозволат, а од што ќе мораат да се откажат за да ги платат основните трошоци.