Над 90% од Европејците дишат воздух кој не ги исполнува стандардите на СЗО

Иако квалитетот на воздухот во Европа се подобрува, најголем дел од населението и понатаму е изложено на концентрации што СЗО ги смета за небезбедни.

Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина, до 20 проценти од мерните станици во Европа регистрирале загадување над важечките стандарди на ЕУ.

Највисоките годишни просечни вредности во периодот 2024–2025 биле измерени на југот на Италија. Градовите Чеље Месапика и Торкијароло имале најлоши резултати, со 117, односно 113 микрограми на кубен метар, што е далеку над годишната граница на ЕУ од 25 микрограми. Според професорот Џанлуиџи Де Џенаро од Универзитетот во Бари, ваквите скокови најчесто се поврзани со зимско согорување биомаса, особено од домашни камини, а проблемот се влошува кога атмосферата потешко ги распрскува штетните честички.

Загрижувачка состојба има и во северна Италија, главниот индустриски центар на земјата, каде што голем број локации се приближуваат до дозволената годишна граница. Но, Италија не е единствена. Во истиот период, надминувања се регистрирани и во делови од Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Романија и Турција. Изненадувачки висок резултат е забележан и во Данска, каде што на една локација во Копенхаген биле измерени 95 микрограми на кубен метар.

Балканот и источна Европа се издвојуваат и според проценетата смртност поврзана со долготрајна изложеност на PM2.5 честички. Меѓу најпогодените земји се Албанија, Бугарија, Грција и Романија, додека високи концентрации се забележани и во Сараево и во индустриските подрачја на Македонија. Италија повторно отскокнува со проценета стапка од 101 смртен случај на 100.000 жители, што е значително повеќе од Шпанија, Франција и Германија. Најниски стапки се регистрирани во северна Европа, особено на Исланд, во Финска, Шведска, Естонија и Норвешка.

Иако квалитетот на воздухот во Европа генерално се подобрува, повеќе од девет од десет Европејци сè уште се изложени на концентрации што не се сметаат за безбедни според построгите стандарди на Светската здравствена организација. СЗО ја поставува препорачаната граница за PM2.5 на само 5 микрограми на кубен метар, далеку под европската законска граница. Освен PM2.5, експертите предупредуваат и на PM10 честичките, приземниот озон и бензо(а)пиренот, загадувач кој се создава од чад од цигари, загорена храна и издувни гасови од фосилни горива.

Стручњаците препорачуваат граѓаните во урбаните средини да избегнуваат проветрување на домовите во периоди на најголем сообраќаен метеж, особено рано наутро. Како дополнителна заштита се препорачува користење сертифицирани печки, избегнување ложење во зимски денови со високо загадување, следење апликации за квалитет на воздухот во реално време и избегнување активности на отворено, како трчање, во периоди кога концентрацијата на штетни честички е највисока.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни