Европа создава своја платежна мрежа: Дали Visa и Mastercard добиваат европска конкуренција?

Европа создава своја платежна мрежа: Дали Visa и Mastercard добиваат европска конкуренција?

Европа започна со изградба на сопствена мрежа за прекугранични плаќања, која во иднина би можела да стане европска алтернатива на „Виза“ и „Мастеркард“. Европската мрежа за плаќања (EPN) официјално беше лансирана во средата, а седиштето ќе ѝ биде во Мадрид. Нејзината задача ќе биде да управува со заеднички центар за интероперабилност, преку кој различни европски платни системи ќе можат да комуницираат меѓусебно.

Зад проектот стојат пет големи европски платни системи: италијанскиот „Банкомат“, шпанскиот „Бизум“, европскиот конзорциум „ЕПИ Компани/Веро“, португалскиот „СИБС-МБ Веј“ и скандинавскиот „Випс МобајлПеј“.

Заедно, овие системи опслужуваат околу 130 милиони корисници во 13 европски земји.

Што всушност ќе се промени?

Наместо секој национален систем да функционира одвоено, EPN треба да ги поврзе преку заедничка техничка и оперативна инфраструктура заснована на европски стандарди. Тоа би овозможило корисник од една европска земја да врши прекугранични плаќања преку сопствениот платен систем, без секое плаќање да мора да поминува низ инфраструктурата на американските компании.

Во првата фаза фокусот ќе биде на плаќања меѓу граѓани, а подоцна мрежата треба да се прошири и на електронската трговија и плаќањата во продавници. Новата инфраструктура ќе се потпира и на инстант плаќања директно од сметка на сметка.

Не значи дека Visa и Mastercard исчезнуваат

Лансирањето на EPN не значи дека европските граѓани од утре ќе треба да ги заменат своите картички.

Целта е постепено да се изгради алтернативна европска платежна инфраструктура. „Виза“ и „Мастеркард“ и понатаму се широко присутни на европскиот пазар, а новата мрежа допрва треба да се проширува и да привлече дополнителни платни системи. Според податоците наведени при лансирањето, „Виза“ и „Мастеркард“ во моментов обработуваат речиси две третини од плаќањата со картички во Европа.

Зошто Европа го прави ова?

Во позадината на проектот е настојувањето на Европската Унија да ја намали зависноста од инфраструктура контролирана од компании со седиште во САД. Европските институции во последните години сè почесто зборуваат за „платежен суверенитет“ – идејата Европа да има поголема контрола врз критичната финансиска инфраструктура и да не зависи од ограничен број глобални компании.

Тоа станува особено значајно во услови на геополитички тензии и промени во глобалниот финансиски систем. Во исто време, Европската централна банка работи на проектот за дигитално евро, чие можно воведување е планирано до 2029 година.

Двете иницијативи не се исто. EPN е инфраструктура за поврзување на постојни европски платни системи, додека дигиталното евро би било нова форма на централнобанкарски дигитални пари. За граѓаните, промената би можела да стане повидлива во следните години, особено ако мрежата се прошири на повеќе земји и на секојдневни плаќања во продавници и онлајн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс