Европа и натаму се соочува со еден од најинтензивните топлотни бранови досега, кој веќе повеќе од една недела носи рекордно високи температури, шумски пожари и сериозни последици врз здравјето на луѓето и инфраструктурата.
Најпогодени се Италија, Хрватска и делови од Југоисточна Европа, каде што се издадени највисоки, црвени предупредувања поради екстремните горештини. Во Италија аларм е прогласен во 22 градови, од Болцано до Палермо, додека во Хрватска највисоко ниво на предупредување важи за Загреб, Сплит и Дубровник.
Високите температури дополнително ја зголемија опасноста од шумски пожари. Десетици пожарникари, со поддршка од четири противпожарни авиони, се бореа со голем пожар во борова шума на островот Вис во Јадранското Море.
И во соседна Србија температурите достигнуваат до 39 степени Целзиусови, додека Албанија успеа да стави под контрола голем шумски пожар што зафати површини со маслинови насади и ниска вегетација. Според научниците, топлотниот бран што започна на 20 јуни е меѓу најекстремните досега регистрирани во Европа. Тие оценуваат дека вакви екстремни временски услови би биле речиси невозможни без климатските промени предизвикани од човекот.
Метеоролозите најавуваат краткотрајно освежување во текот на неделата, при што температурите во поголем дел од регионот ќе се намалат за околу десет степени. Сепак, тоа нема да трае долго. Претседателот на Италијанското метеоролошко друштво, Лука Меркали, предупредува дека нов силен топлотен бран се очекува веќе од 5 до 6 јули. Според прогнозите, повторно ќе бидат погодени Франција, Шпанија, Германија, Италија, Швајцарија и делови од Велика Британија.
Покрај пожарите, екстремните температури предизвикуваат и трагични последици. На Кипар две деца на возраст од осум и десет години биле пронајдени мртви во прегреан автомобил, додека во Полска двајца велосипедисти починале за време на маратонот во близина на Варшава. Во меѓувреме, Полска го забележа и својот нов температурен рекорд, откако живата во термометарот достигна 40,5 степени Целзиусови, што е највисоката измерена температура во земјата.