Нова студија открива сериозна енергетска криза што може да ги загрози европските амбиции во развојот на вештачка интелигенција. Според анализата, дата-центрите, клучната инфраструктура зад AI – стануваат огромни потрошувачи на електрична енергија што постојната мрежа едвај може да ја издржи.
Извештајот на европскиот тинк-тенк Interface предупредува дека без итни реформи, Европа ризикува да изгради скапи капацитети кои нема да можат да работат со полн капацитет.
Дата-центрите како „енергетски џинови“
За разлика од класичните серверски капацитети, модерните AI системи користат специјализирани чипови кои работат со максимален интензитет со денови. Еден напреден AI систем може да троши до 300 мегавати – количина споредлива со потрошувачката на околу 250.000 домаќинства.
Како пример, обуката на модел како ChatGPT-4 потрошила околу 46 GWh енергија, доволно за напојување на Брисел неколку дена.
Европската електрична мрежа не е дизајнирана за вакви оптоварувања. Приклучувањето на само еден голем дата-центар може да бара скапи надградби и да ги оттурне другите корисници.
Најголем притисок има во т.н. FLAP-D региони: Франкфурт, Лондон, Амстердам, Париз, Даблин. Во овие центри, чекањето за приклучок на мрежа достигнува од 7 до 10 години, а некаде и до 13 години.
Ирска веќе воведе фактички мораториум за нови дата-центри во Даблин до 2028 година, додека Холандија и Германија ограничуваат нови приклучоци до крајот на деценијата.
Дури и технолошките гиганти запираат инвестиции
Поради високите цени на струјата и ограничениот капацитет, OpenAI ги ставил на пауза инвестициите во Велика Британија и Норвешка – сигнал дека проблемот веќе влијае врз глобалните играчи.
Дополнителен притисок доаѓа од електрификацијата на транспортот и греењето, како и од нестабилноста на енергетските пазари поради војната во Украина и тензиите на Блискиот Исток.
Што треба да се промени?
Студијата препорачува дата-центрите да се третираат како критична енергетска инфраструктура, а нивната изградба да се планира според достапноста на обновливи извори на енергија. Европа се наоѓа во парадокс: сака да стане лидер во AI, но нема енергетска основа за тоа. Додека САД и Азија агресивно инвестираат во инфраструктура, европската мрежа веќе работи на граница.
Ако не се модернизира системот, ризикот е двоен, од една страна, пропуштени технолошки можности, а од друга, раст на цените и притисок врз домаќинствата.
Во суштина, прашањето повеќе не е само технолошко, туку енергетско: без струја, нема ни вештачка интелигенција.