Денот на македонскиот јазик 5 Мај одбележан со низа настани во Скопје: фокус на историјата, правниот јазик и дигиталната иднина

Во Скопје со повеќе настани се одбележува Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, со фокус на историјата, правната употреба и дигиталниот развој на јазикот.

Денот на македонскиот јазик – 5 Мај денеска се одбележува со повеќе настани во Скопје, организирани од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и собраниската Комисија за култура и туризам.

Во Институтот ќе има поздравни обраќања на директорката Елена Јованова-Грујовска, директорката на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Следува излагање на Борче Арсов на тема „Од црти и рески до кирилицата: патот на македонското писмо“.

Катедрата за македонски јазик организира трибина посветена на состојбите во современиот македонски јазик, со посебен осврт на неговата употреба во правните акти. На настанот ќе учествуваат универзитетски професори и претставници од институции и медиуми.

Собраниската Комисија за култура и туризам, пак, ќе одбележи 80 години од излегувањето на првата „Македонска граматика“ на Круме Кепески, со обраќања на пратеници и професори за значењето на македонскиот јазик во образованието и општеството.

ФИНКИ денеска организира и работилница „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“, посветена на современите технологии и нивната улога во развојот и заштитата на јазикот. Денот на македонскиот јазик официјално се одбележува од 2019 година, во чест на историските одлуки од 1944 и 1945 година со кои македонскиот јазик станува официјален и стандардизиран.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни