Европската унија сè повеќе ја препознава испашата на добиток како природен начин за намалување на ризикот од шумски пожари, но експертите предупредуваат дека без долгорочна поддршка ваквиот пристап нема да даде целосен ефект.
Додека Франција и Шпанија се соочуваат со сè почести и поразорни шумски пожари, европските институции и експерти сè повеќе ја истакнуваат улогата на козите, овците и другите домашни животни во превенцијата. Со пасење тие ја отстрануваат сувата вегетација и ниското растење што претставуваат главно гориво за пожарите, создавајќи природни противпожарни појаси.
Истражувањата покажуваат дека ваквиот пристап веќе помогнал во забавување на ширењето на пожарите во неколку региони во Шпанија. Европската комисија годинава официјално ја вклучи испашата како една од мерките за приспособување кон климатските промени и за намалување на ризикот од пожари.
Сепак, експертите предупредуваат дека најголем проблем остануваат недоволната финансиска поддршка и намалувањето на бројот на сточари. Напуштените земјоделски површини обраснуваат со густа вегетација, што дополнително го зголемува ризикот од големи пожари.
Како успешен пример се посочува каталонскиот проект „Fire Flocks“, во кој кози и овци пасат на високоризични подрачја определени од противпожарните служби. Производите од овие фарми се продаваат со посебна ознака, со што купувачите директно ја поддржуваат превенцијата од пожари.
Иако испашата не е единствено решение, научниците сметаат дека таа треба да биде дел од поширока стратегија за управување со шумските и руралните предели. Предупредуваат дека фокусот не смее да биде само на гаснењето на пожарите, туку и на нивното спречување преку долгорочно одржување на природниот пејзаж.