Во Штип вчера се одржа настанот „Европа е за можностите“, преку кој младите имаа можност директно да се информираат за студии, стипендии, мобилност и европски програми за размена. Настанот беше организиран по повод Денот на Европа 2026 и се одржа во амфитеатарот на отворено при Младински културен центар „Дом на млади“.

Целта на настанот беше младите луѓе поблиску да се запознаат со образовните и професионалните можности што ги нуди Европска Унија, како и со програмите преку кои можат да студираат, патуваат и стекнуваат искуства во европски држави.
Програмата започна со Саем за можности на ЕУ, каде беа претставени информации за Еразмус+ програмите, студентска мобилност, стипендии, европски размени и иницијативи за млади. На саемот учествуваа амбасади на земји членки на ЕУ, Универзитет „Гоце Делчев“, претставници на програмата Erasmus+, факултети, како и граѓански организации кои работат со млади и студенти.

Посетителите имаа можност преку директни разговори да добијат информации за условите за студирање во странство, можностите за академска размена и програмите преку кои младите можат да стекнат нови знаења, искуства и професионални контакти.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусијата „Можности без граници: Млади, Еразмус+ и ЕУ“, посветена на младинскиот дијалог, мобилноста и перспективите на младите во Европа. На панелот учествуваа м-р Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Морено Ѕела од Амбасадата на Италија во Северна Македонија, проф. д-р Даниела Коцева, како и студенти кои споделија лични искуства од учество во програми за размена и мобилност.
Во дискусијата беше нагласено дека младите имаат потреба од полесен пристап до информации, повеќе можности за образование и простор во кој нивниот глас ќе биде слушнат. Учесниците зборуваа и за придобивките што ги носат програмите како Еразмус+, особено во делот на меѓународното искуство, личниот развој и професионалното вмрежување.
Настанот беше заокружен со музичка програма на студенти од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“, кои настапија пред публиката во духот на европската културна размена и младинската поврзаност.
Организаторите посочуваат дека ваквите настани имаат за цел да ги доближат европските вредности и можности до младите луѓе во земјава, особено во период кога интересот за образование, мобилност и меѓународна соработка постојано расте.