Европската комисија објави дека се приклучува на новата социјална мрежа „W“, платформа која се претставува како европска алтернатива на големите глобални социјални мрежи.
Платформата првпат беше претставена во јануари на Светскиот економски форум, а нејзините основачи велат дека се темели на принципите на проверени човечки корисници, транспарентност, приватност и слобода на говор.
„W“ има седиште во Шведска, а ја развиваат претприемачи од областа на медиумите, технологијата и вештачката интелигенција. Бета-верзијата беше пуштена оваа недела, а корисниците кои сакаат да објавуваат содржини мора претходно да поминат процес на верификација.
Меѓу првите корисници се и високи европски функционери, меѓу кои претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Социјална мрежа со проверка на идентитет
За пристап до платформата, корисниците треба да го потврдат својот идентитет. Тоа може да го направат со наведување на вистинското име или анонимно преку апликацијата W Identity.
Станува збор за посебна апликација која скенира пасош или лична карта, со цел идентитетот на корисникот да се потврди директно на неговиот уред.
Извршната директорка на платформата, Ана Цајтер, претходно изјави дека податоците ќе се чуваат на европски сервери во сопственост на европски компании, а инвеститорите ќе бидат ограничени на оние што имаат седиште во Европа.
Според најавите, „W“ планира да користи услуги од Proton, швајцарски провајдер за шифрирана е-пошта, и UpCloud, финска cloud-платформа, со цел работењето да биде усогласено со европските правила за приватност.
Европски обид за технолошка независност
Лансирањето на „W“ доаѓа во време кога Европа сè погласно зборува за дигитален суверенитет и намалување на зависноста од големите американски технолошки компании.
Франција, Германија, Холандија и други земји веќе изразија загриженост дека преголемата зависност од технолошките гиганти од САД може да има последици врз националната безбедност, заштитата на податоците и контролата врз дигиталната инфраструктура.
„W“ не е единствената нова платформа што се обидува да понуди европска алтернатива. Во последниот период се појавија и други мрежи како Bulle, Eurosky, Monnett и eYou.
Може ли Европа да им парира на технолошките гиганти?
Неколку од овие платформи минатата недела потпишаа декларација со која се обврзуваат на изградба на европски „социјален слој“ – дигитална инфраструктура што треба да биде поразновидна, поотпорна и помалку зависна од големите монополски платформи.
Сепак, најголемиот предизвик останува ист: како една нова мрежа да ги привлече и задржи корисниците.
Големите социјални платформи со години се дизајнирани да го задржат вниманието на корисниците што е можно подолго. Затоа европските алтернативи нема да треба само да бидат побезбедни и потранспарентни, туку и доволно практични и привлечни за луѓето навистина да ги користат.
Прашањето сега е дали „W“ ќе остане симболичен европски обид за дигитална независност или ќе стане вистинска алтернатива на мрежите што денес го диктираат глобалниот онлајн простор.