Европската унија воведува фиксна давачка од три евра за мали пратки во вредност до 150 евра, кои сочинуваат дури 93% од е-трговијата во ЕУ. Сепак, како што објаснува експертката за малопродажба од Хрватска Ана Брајковиќ, трошокот не е толку едноставен како што се прикажува.
„Не се работи едноставно за 3 евра по пакет, туку за 3 евра по различна категорија на производи во пакетот. Тоа значи дека ако во една нарачка имате, на пример, маица, кабел, украс за дом и детска играчка, дополнителниот трошок не мора да биде само 3 евра, туку по 3 евра за секоја посебна категорија“, вели Брајковиќ.
Таа додава дека ова правило ќе го промени однесувањето на купувачите кои често додаваат „уште неколку ситници“ во кошничката.
Како платформите го поттикнуваат купувањето
Онлајн платформите сè повеќе влијаат на начинот на купување, поттикнувајќи импулсивни одлуки преку купони, одбројувања, бесплатна достава и персонализирани препораки.
Според Брајковиќ, овие системи создаваат „казино ефект“, каде купувањето изгледа како добивка, а не како трошок.
„Проблемот не е само во ниските цени, туку во дизајнот кој нè поттикнува на уште еден клик. Производите често не се во согласност со регулативите и можат да бидат и небезбедни“, предупредува таа.
Шокантни податоци: милиони пратки дневно
Во 2025 година во ЕУ влегле околу 5,8 милијарди мали пратки, раст од 26% во однос на претходната година. Тоа значи околу 16 милиони пратки дневно. Просечно, секој граѓанин на ЕУ добива околу 13 пакети годишно, а просечната вредност на производ е само 8,82 евра.
Француски регулатори откриле дека 75% од тестираните производи од меѓународни платформи не се во согласност со правилата на ЕУ, а 46% се и потенцијално опасни.
Феномен „брекетинг“ – купи па врати
Сè почесто се јавува феноменот „брекетинг“, каде купувачите нарачуваат повеќе варијанти од ист производ, знаејќи дека дел ќе го вратат. Кај евтините производи, враќањето често не е исплатливо, па тие завршуваат неискористени или како отпад.
Новите правила не се само финансиска мерка, туку и обид да се регулира однесувањето на потрошувачите и влијанието на алгоритмите врз купувањето.
„Важно е да се научи разликата меѓу евтино и вредно купување“, заклучува Брајковиќ.