Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ги постигнале своите цели во воената операција против Иран, позната како „Епски бес“, и дека таа официјално е завршена.
Рубио појасни дека тековната мисија за обезбедување безбеден премин низ Ормускиот теснец, наречена „Проект Слобода“, е посебна и со помал обем. Тој ја опиша како одбранбена операција, нагласувајќи дека САД нема да преземаат воени акции „освен ако не бидат нападнати“.
Клучното прашање – нуклеарната програма
И покрај тврдењата дека целите се постигнати, останува отворено прашањето за иранската нуклеарна програма. Според информациите, Иран сè уште не предал повеќе од 408 килограми високо збогатен ураниум.
Ова беше една од главните цели на американскиот претседател Доналд Трамп при започнувањето на нападите, да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Рубио порача дека е време Иран „да ја прифати реалноста“, додека американските претставници продолжуваат со дипломатски напори за решавање на кризата.
Нов тест за Обединетите нации
САД, заедно со неколку сојузници, предложиле нова резолуција во ООН со која се бара Иран да ги запре нападите и минирањето во Ормускиот теснец. Рубио ја нарече резолуцијата „тест за кредибилитетот на ОН“, повикувајќи ги КИна и Русија да не стават вето.
Според него, и двете земји имаат интерес да се одржи слободен проток на трговијата, бидејќи затворањето на Ормускиот теснец би предизвикало глобален економски хаос.
Иако официјално една операција е завршена, ситуацијата останува нестабилна. Новата мисија во Ормускиот теснец и понатамошните дипломатски потези ќе бидат клучни за тоа дали кризата ќе се смири или ќе прерасне во поширок конфликт.