Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро го осуди ширењето на лажни фотографии создадени со вештачка интелигенција (deepfake), меѓу кои и една што ја прикажува во долна облека, откако истата стана вирална на интернет.
Во својата објава на социјалните мрежи, Мелони нагласи дека станува збор за целосно манипулирани и невистинити содржини кои се користат за политички напади и ширење дезинформации. Со доза иронија додаде дека авторот „дури и ја разубавил“, но потенцираше дека проблемот е сериозен.
„Јас можам да се одбранам, но многумина други не можат“, порача таа, предупредувајќи дека deepfake технологијата претставува сè поопасна алатка за измама, манипулација и онлајн злоупотреба.
Фотографијата, која масовно се споделуваше како вистинска, предизвика бројни реакции, при што дел од јавноста поверува во нејзината автентичност и ја осуди. Мелони го оцени ваквото однесување како форма на интернет-насилство и апелираше до граѓаните да проверуваат информации пред да ги споделуваат, бидејќи секој може да стане жртва.
Борбата против злоупотребата на вештачката интелигенција е во фокусот на политиките во Италија. Земјата веќе усвои закон кој предвидува строги казни за користење на AI за нанесување штета, вклучително и создавање deepfake содржини, како и ограничувања за малолетници.
Законот следеше по голем скандал со веб-страница која објавувала изменети и сексуализирани фотографии на познати Италијанки, меѓу кои и опозициската лидерка Ели Шлајн. Платформата беше затворена, а властите покренаа истрага за кривични дела како клевета и нелегално ширење експлицитна содржина.