Онлајн нарачките од Кина кон Европската Унија наскоро би можеле да поскапат. Европскиот парламент одобри царинска реформа со која се воведува дополнителна такса за обработка на малите пратки што пристигнуваат од земји надвор од ЕУ. Новата давачка е одделна од царината од три евра што веќе се применува за пратките со мала вредност.
Таксата ќе биде административен надомест за обработка на пратките, а не класична царинска давачка. Конечниот износ сè уште не е утврден од Европската комисија, иако за време на преговорите се споменувала сума од околу две евра. Земјите-членки треба да започнат со наплата најдоцна до 1 ноември 2026 година.
Милијарди мали пратки годишно
Новата мерка доаѓа по наглото зголемување на бројот на мали пратки што директно стигнуваат до европските потрошувачи преку онлајн платформите.Според податоците на Европската комисија, во 2025 година во ЕУ пристигнале околу 5,9 милијарди пратки со мала вредност. Околу 90 проценти од нив потекнувале од Кина.
Токму огромниот обем на ваквите пратки создава дополнителен товар за царинските служби, кои треба да ги обработат и проверат илјадниците производи што секојдневно пристигнуваат во Унијата. Со административната такса ЕУ сака да ги покрие дел од трошоците поврзани со обработката на овие пратки.
Новата такса не е исто што и царината од 3 евра
Важно е да се разликуваат двете давачки. Царината од три евра за пратки со мала вредност е една мерка, додека новата такса ќе се наплаќа за административната обработка на пратката. Тоа значи дека потрошувачите може да се соочат со дополнителен трошок покрај постојната царинска давачка, откако новата мерка ќе започне да се применува.
Покрај новата такса, реформата носи и поголема одговорност за онлајн платформите. Целта е дел од обврските што досега ги имаа царинските служби да бидат префрлени кон платформите и операторите што посредуваат во продажбата. Реформата е дел од поширокото преструктурирање на царинскиот систем на ЕУ, со кое Унијата се обидува да се справи со експлозивниот раст на е-трговијата и огромниот број евтини производи што пристигнуваат директно кај европските купувачи.