Судот на ЕУ против Унгарија: Орбановиот анти-ЛГБТК закон ги крши основните вредности на Унијата

Европскиот суд на правдата пресуди дека унгарскиот закон за ограничување на ЛГБТК содржини е спротивен на правото на ЕУ. Одлуката го засилува притисокот врз владата на Виктор Орбан и неговите политики.

Европскиот суд на правдата донесе пресуда против Унгарија, оценувајќи дека законот на владата на Виктор Орбан кој ограничува пристап до ЛГБТК содржини го нарушува правото на Европската Унија и нејзините темелни вредности.

Според судот, законските одредби усвоени во 2021 година претставуваат дискриминација, бидејќи ги стигматизираат и маргинализираат ЛГБТК лицата и ја ограничуваат слободата на информирање и изразување. 

Случајот е еден од најзначајните во историјата на ЕУ, бидејќи во постапката се вклучени Европската комисија, Европскиот парламент и мнозинството земји членки, кои тврдат дека Унгарија ги прекршила основните вредности од член 2 на Договорот за ЕУ – човечко достоинство, еднаквост и владеење на правото. 

Спорниот закон, познат и како „закон за заштита на децата“, забранува прикажување или промовирање ЛГБТК содржини во медиуми и образовни материјали за малолетници. Критичарите, пак, го споредуваат со слични руски закони и тврдат дека под изговор за заштита на децата се поттикнува дискриминација. 

ЕУ институциите веќе подолго време ја оспоруваат оваа регулатива, а дел од средствата кон Унгарија се ставени под знак прашалник поради загриженост за владеењето на правото и човековите права.

Пресудата претставува сериозен политички и правен удар за Будимпешта и може да отвори пат за дополнителни санкции или барања за измена на законодавството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни