ЕУ предупредува: можен недостиг на млазно гориво ако кризата продолжи до крајот на мај

Европската комисија предупредува дека продолжената криза на Блискиот Исток може да предизвика недостиг на млазно гориво во ЕУ, иако засега нема проблеми со снабдувањето.

Европската унија треба да се подготви за можен недостиг на млазно гориво доколку сегашната ситуација на Блискиот Исток продолжи до крајот на мај, предупреди Европската комисија.

На состаноци на Координациската група за нафта и Работната група за безбедност на енергетската унија, учествуваа експерти од Европската комисија, претставници на индустријата, земјите членки, Меѓународната агенција за енергија и НАТО. Тие разговараа за безбедноста на снабдувањето со нафта и гас во Европа, додека конфликтот на Блискиот Исток влегува во десеттата недела.

Комисијата наведува дека млазното гориво останува клучна грижа, бидејќи комерцијалните резерви се намалуваат поради долготрајното затворање на Хормушкиот теснец. Иако пазарот засега ги апсорбира притисоците во снабдувањето, се предупредува дека доколку ситуацијата продолжи по мај, ЕУ треба да се подготви за можни последици.

Засега во ЕУ нема недостиг на гориво, а снабдувањето со гас е главно стабилно, додека веќе се започнати активности за полнење на складиштата. Во случај на потреба, може да се активираат стратешки резерви на нафта и гас, но експертите нагласуваат дека земјите членки мора да дејствуваат координирано и да ги усогласат мерките за побарувачката за да се постигнат ефикасни резултати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни