ЕУ на чекор до 90 милијарди за Украина: Орбан попушта по спорот со нафтоводот „Дружба“

Украина очекува ЕУ да одобри заем од 90 милијарди евра во наредните денови. Клучната блокада од Унгарија се топи по најавите за обновување на транзитот на нафта.

Украина очекува во наредните денови да го добие долгоочекуваниот заем од 90 милијарди евра од Европска унија, откако, според Киев, се отстранети сите пречки за негово одобрување.

Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека повеќе нема блокади во процесот.
„Во моментов нема пречки, па дури и вештачките бариери се отстранети“, порача тој во обраќање до министрите за надворешни работи на ЕУ.

Клучниот финансиски пакет, кој треба да ѝ помогне на Украина во услови на продолжена руска агресија, беше закочен поради вето од Унгарија. Спорот се отвори околу прекинот на транзитот на руска нафта преку нафтоводот Дружба.

Прекинот на оваа рута, која е од суштинско значење за снабдување на Унгарија и Словачка, предизвика сериозни тензии. Двете земји го обвинија Киев за политички мотивирано блокирање, додека Украина ги отфрли тие тврдења. Ситуацијата дополнително се заостри кога Будимпешта и Братислава го прекинаа извозот на дизел кон Украина, продлабочувајќи го енергетскиот конфликт.

Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан сигнализираше можност за деблокада. Во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, тој навел дека Унгарија ќе го повлече ветото „без одложување“ доколку Украина го обнови транзитот на нафта.

Од Киев засега нема официјална потврда дека испораките се обновени, но властите најавуваат дека техничките подготовки се во завршна фаза. Вицепремиерот Тарас Качка изјави дека одлуката зависи од техничките тимови, но изрази надеж дека процесот може да се финализира „дури и денес“.

Претходно, претседателот Володимир Зеленски порача дека Украина е подготвена да го обнови транзитот доколку тоа е услов за отклучување на европската финансиска поддршка.

Доколку договорот се финализира, ова ќе биде еден од најголемите финансиски пакети што ЕУ ги одобрила за Украина од почетокот на војната – и потенцијален пресврт во односите меѓу Киев и некои членки на Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни