ЕУ дава илјадници евра за електрични возила, Македонија без субвенции и со 0,03% електрични коли

Додека ЕУ ги зголемува субвенциите за електрични возила под притисок на поскапување на горивото, Македонија останува без систематска поддршка за граѓаните и со 0,03 отсто електрични возила во возниот парк.

Во државите од Европската унија, граѓаните со купување на електричен автомобил во 2026 година може да добијат поврат и до 11.000 евра од државата. Во Македонија, ако сакате да купите електричен автомобил, ќе си го платите сами. Цела сума. Без поврат на средства. И тоа по цена и до три пати повисока од дизелскиот автомобил.

И додека геополитичките тензии ги зголемуваат цените на горивото и го забрзуваат европскиот преод кон електрична мобилност, Македонија останува на межу последните земји во регионот без поддршка за електрични возила.

Европа забрзува: 18,8% пазарен удел и државна поддршка насекаде

Контекстот на европско ниво е јасен. Продажбата на батериски електрични автомобили во ЕУ пораснала на 17,4 отсто од пазарот во 2025 година, во споредба со 13,6 отсто годината пред тоа. Во првите два месеци од 2026, уделот дополнително се зголемил на 18,8 отсто, според Европската асоцијација на производители на автомобили, пренесува Еuronews.

Поскапувањето на горивото поврзано со геополитичките тензии го забрзува овој тренд. Франција планира да ги зголеми расходите за електрификација на речиси 10 милијарди евра годишно до 2030 година, со цел две од три нови возила да бидат електрични. Планот вклучува и програма за социјален лизинг со 100.000 електрични возила за возачи со ниски примања.

Земјите со најголема поддршка за купување електрично возило вклучуваат Италија со до 11.000 евра, Кипар до 9.000 евра, Словенија до 7.200 евра, Малта меѓу 6.000 и 8.000 евра, Германија до 6.000 евра и Франција до 5.700 евра. Шпанија нуди до 4.500 евра за возила произведени во ЕУ.

Македонија: субвенции само на хартија

Контрастот со Македонија е голем. Сите земји од регионот Адрија во поголема или помала мера поттикнуваат купување електрични и хибридни возила. Хрватска нуди 9.000 евра, Словенија 6.500 евра, Србија и Босна и Херцеговина субвенционираат со околу 5.000 евра. Во Македонија субвенции нема.

Историјата на неспроведени ветувања е долга. Иако уште во 2018 година со Програмата за субвенционирање на купување на нови електрични возила се предвидувале субвенции од 5.000 евра, Законот за возила останал во Собрание, а за негово спроведување не биле испланирани пари ниту во буџетот. Резултатот во бројки е очигледен. Во Македонија електричните возила имаат удел од само 0,03 отсто во возниот парк. Во 2019 година имало само 51 такво возило, во 2020 година 69, а во 2021 година 128 регистрирани електрични возила.

Јавниот сектор се движи, приватниот стои

Македонија направила некои чекори, но исклучиво во јавниот сектор. Во септември 2025 година, Министерството за животна средина претстави проект за субвенционирање на 200 електрични возила за таксисти, со 15 отсто намалување на цената, со очекување дека замената ќе резултира со намалување од над 2.700 тони јаглерод диоксид годишно. Во февруари 2026 година, Министерството за транспорт објави јавен повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полнилници за модернизација на јавниот превоз. Од почетокот на годинава електрични возила доби и Министерството за здравство.

Но за приватниот граѓанин кој сака да купи електрично возило, системска поддршка не постои. Македонија сè уште заостанува на полето на субвенции за граѓаните, додека земјите во регионот и во ЕУ со конкретни мерки ги стимулираат купувањата. Истражувачите укажуваат дека дури и кога би се доделил ист износ на средства колку оние за ваучерите за клима уреди, со 5.000 евра поединечна субвенција би се набавиле само 810 автомобили.

Достапноста е клучот

Европскиот контекст ја потцртува суштинската пречка. Претставник на Европската асоцијација на производители на автомобили изјавил дека „достапноста е камен-темелник на транзицијата: без неа, дури и најдобрата инфраструктура и најширокиот опсег на модели не можат да ја одржат масовната побарувачка потребна за климатска неутралност.”

Во Македонија, каде просечната нето-плата изнесува около 756 евра, а цената на електрично возило е двојно до трипати повисока од дизелската алтернатива, достапноста е структурна пречка. Без систематски субвенции, инфраструктура за полнење и јасна државна стратегија, преодот кон електрична мобилност ќе остане привилегија на малцинство, не национален тренд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни