Етел Катерхем, најстарата регистрирана личност на светот, денеска го слави својот 117. роденден во домот за стари лица „Халмарк Лејквиу“ во британскиот регион Сари. Нејзиниот роденден го одбележува во друштво на семејството и пријателите, по година за која вели дека била исполнета со нови искуства, меѓу кои и личната средба со британскиот монарх.
Етел Катерхем е родена во Хемпшир на 21 август 1909 година, пет години пред почетокот на Првата светска војна. Таа е последниот жив сведок на кралот Едвард Седми. По неговата смрт во мај 1910 година, таа сведочеше за владеењето уште на пет монарси, Џорџ Петти, Едвард Осми, Џорџ Шести, Елизабета Втора и денешниот крал Чарлс Трети.
Кралот Чарлс ја посети Катерхем минатиот септември, за време на нејзиниот 116. роденден. При средбата, таа му раскажа дека во 1969 година ја следела неговата инаугурација за принц од Велс, кога тој имал 21 година, потсетувајќи го на атмосферата од тоа време.
Родена како второ најмладо од осум деца, Катерхем на 18-годишна возраст заминала за Индија, каде што три години работела како дадилка во семејство на воен офицер. По враќањето, во 1931 година го запознала својот сопруг Норман, поранешен воен потполковник, кој починал во 1976 година.
Низ годините тие живееле во Солзбери, но и на воени служби во Гибралтар и Хонг Конг. За време на престојот во Хонг Конг, таа отворила детска градинка. Катерхем ги надживеа двете свои ќерки.
Титулата најстара жива личност на светот ја презеде во мај 2025 година, по смртта на 116-годишната бразилска калуѓерка. До израмнување на апсолутниот рекорд за најстара личност во историјата ѝ недостасуваат уште пет години. Рекордот сè уште ѝ припаѓа на Французинката Жан Калман, која почина во 1997 година на возраст од 122 години.