Во ординациите на естетските хирурзи и дерматолози се шири нов тренд кој создава досега невидени предизвици во работата со пациентите. Сè поголем број луѓе доаѓаат на консултации пред естетски зафати носејќи фотографии генерирани со помош на алатки за вештачка интелигенција и бараат лекарите да го „реплицираат“ тој изглед на нивното лице.
Според медицинските стручњаци, кои ги пренесува Business Insider, овие дигитални прикази често изгледаат како карикатури и целосно ги игнорираат биолошките ограничувања.
„Како ликови од цртан филм“
Една козметичка дерматологинка навела пример на пациентка која донела слика со претерано зголемени усни и кукленски очи, при што побараниот изглед го опишала како нешто што личи на лик од цртан филм. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои користат AI алатки за подобрување на фотографии имаат значително повисоки очекувања од резултатите на пластичните операции во споредба со оние кои не ги користат.
AI генераторите на слики често создаваат специфична естетика која вклучува екстремно полни усни, големи очи и остро дефинирани вилици.
Главниот проблем е што ваквите слики не ја земаат предвид индивидуалната структура на лицето, етничката припадност и медицинската изводливост. Вештачката интелигенција не ја разбира тридимензионалната комплексност на човечкото лице, па често генерира анатомски невозможни резултати, иако тие изгледаат визуелно привлечни.
Лекарите нагласуваат дека не постои хируршка процедура со која може значително да се зголемат очите или да се постигнат екстремни промени без да се наруши природниот изглед и безбедноста на пациентот.
Еден лекар тоа го сумира кратко:
„Пикселите се многу поедноставни од хирургијата.“
Научните истражувања потврдуваат дека постои естетска пристрасност во генеративните системи. Алгоритмите се оптимизирани за да создаваат „идеализирани“ и често нереални стандарди на убавина. AI лицата можат бесконечно да се „дотеруваат“, за разлика од човечките лица кои се ограничени од генетика, стареење и животен стил.
Медицинските здруженија предупредуваат дека ваквите системи често создаваат слики слични на deepfake без природна текстура на кожа, што дополнително ги зголемува нереалните очекувања кај пациентите. Поради тоа, лекарите сè почесто мора да ги едуцираат пациентите и да ги усогласуваат нивните очекувања со тоа што е реално изводливо во медицината.