Тензиите меѓу Израел и Турција дополнително се заоструваат, откако Израел изврши воздушен напад врз воена база во северозападна Сирија, која, според извештаите, Анкара планирала да ја преземе. Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак остро го критикуваше потегот на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, оценувајќи дека намерното зголемување на тензиите со Турција е „непромислено и глупаво“.
„Тешко е да се одлучи што од тоа е поизразено“, напиша Барак на платформата X.
Тој оцени дека зад потегот може да стои и политички мотив, создавање безбедносни тензии пред изборите со кои би се поттикнал страв кај јавноста. Барак предупреди дека Турција „не е ниту Иран, ниту Асадова Сирија“ и дека, според него, не постои проблем со Анкара што не може да се реши преку дипломатски и дискретни контакти, со координација и влијание од САД.
„Нетанјаху е фокусиран само на политичкиот опстанок“
Поранешниот премиер смета дека Нетанјаху повеќе не е фокусиран на безбедноста на Израел, туку на сопствениот политички опстанок.
„Нетанјаху целосно го загуби компасот, неговата единствена цел е јасна“, порача Барак, споредувајќи го неговото однесување со „компулсивен коцкар“.
Тој го обвини Нетанјаху за „целосен неуспех“ во постигнувањето на целите на војната и оцени дека премиерот се соочува со очекуван политички пораз. Барак предупреди и дека ваквото однесување ги загрижува преостанатите сојузници и пријатели на Израел во светот и регионот.
Според него, ќе биде потребно „многу време“ за да се поправи безбедносната и дипломатската штета што, како што тврди, ја предизвикал Нетанјаху.
„Нема смисла да се преземаат дополнителни непромислени мерки кои на крајот би можеле да се вратат како бумеранг“, порача Барак.