Новата вербална ескалација меѓу Анкара и Тел Авив дополнително ги заостри веќе нарушените односи меѓу Турција и Израел, во период на силни регионални тензии на Блискиот Исток.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во говор пред пратениците од неговата Партија на правдата и развојот, оцени дека израелските напади врз Сирија и Либан веќе претставуваат закана и за безбедноста на Турција. Тој порача дека, според Анкара, израелската политика ја дестабилизира не само регионот, туку и поширокиот меѓународен поредок.
Во најостриот дел од обраќањето, Ердоган го спореди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Адолф Хитлер, тврдејќи дека меѓународната заедница повторно молчи пред насилство и воени дејствија, како што, според него, молчела во периодот пред Втората светска војна.
Ердоган предупреди дека Турција нема да прифати „свршени факти“ во соседните држави и дека внимателно ги следи случувањата во источниот Медитеран, особено кога станува збор за интересите на Турција и кипарските Турци.
Од Израел следеше остар одговор. Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“ и го обвини за поддршка на Хамас, репресија врз политичките противници и кршење на човековите права. Израелскиот премиер порача дека Ердоган, како што рече, „не може да му држи лекции за морал на Израел“.
Нетанјаху ги отфрли критиките за израелските воени операции и порача дека Израел ќе продолжи да дејствува против Иран и неговите сојузници во регионот. Тој повтори дека Израелските одбранбени сили, според него, остануваат „најморалната армија во светот“.
Последната размена на тешки зборови е уште еден знак за длабоката криза во односите меѓу Турција и Израел. Двете земји и претходно беа во отворен судир околу војната во Газа, израелските операции во регионот и улогата на Анкара во поддршката на палестинската страна.