Search

Еразмус носи нови перспективи за македонските ученици и студенти

Еразмус Плус програмата е најпрепознатливата и најпозитивно прифатената програма во европски рамки. Изминативе години тимот на Еразмус е максимално фокусиран на искористување на можностите кои ги нуди програмата за сите граѓани во делот на училишно, стручно, високо образование и образование за возрасни, како и младите и спортот.

Мобилностите и проектите директно влијаат на подобрување на квалитетот на образовните процеси во нашата земја во насока на унапредување на вештините и компетенциите кои ги зајакнуваат учесниците.

Учесниците ги подобруваат сопствените јазични вештини, креираат мрежа за соработка со европските партнери, дигитално напредуваат, но се фокусираат и на спроведување на зелени и инклузивни образовни политики. Сето ова носи позитивен ефект во македонскиот образовен систем и негово доближување кон европските стандарди.

Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност (НАЕОПМ)

„Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е задолжена за имплементација и управување со програмите Еразмус Плус и Европски солидарен корпус во Република Северна Македонија. Како држава морам да истакнам дека имаме статус на т.н. програмска земја со целосни права и обврски како да сме земја членка на Европската Унија. Ваков статус од балканските земји кои не се дел од Унијата има уште Република Србија.

Ова е еден позитивен импулс кој треба да биде наш заеднички мотив во континуитет на нашето заедничко работење со цел подобрување на образовниот систем и негово доближување до квалитетните европски стандарди“, изјави Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност (НАЕОПМ).

Националната агенција покрај тоа што работи согласно македонското национално законодавство работи согласно процедури, правила и прописи пропишани за сите полноправни корисници-членки на програмата Еразмус Плус.

„Согласно годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја за 2023 година, во делот за Националната агенција е нотирано дека нашата институција организирала и поддржала повеќе од 100 настани во кои целна група се младите луѓе, што е потврда за нашиот фокус да инвестираме и да ги поддржуваме младите. Бројот на младинските размени е зголемен за цели 60% во 2022 година споредбено со претходните 2 години“, потенцира Марко.

Изминативе денови Европската комисија го објави годишниот извештај по држави за спроведување на програмата во кој е констатирано дека во 2022 година е постигнат рекорден број на македонски Еразмус Плус учесници на мобилности во странство. 10 063 ученици, студенти, наставен кадар и други учесници од Северна Македонија учествувале на мобилности во странство што е пораст за 68% во споредба со претходната 2021 година.

Сето ова влијае на позитивниот развој на учесниците во насока на градење на сопствени капацитети, нови иновативни знаења и алатки, подобри јазични вештини, како и меѓународно вмрежување што директно влијае на поквалитетен образовен систем за сите.

Понатаму Марко нагласува: „Сакам да го истакнам моето задоволство што изминативе години во континуитет нашата држава прераснува во дестинација која е интересна за странските учесници во програмата Еразмус Плус. Тоа несомнено го истакнува и извештајот од Европска комисија каде е подвлечено дека 11 673 странски државјани учествувале на мобилности реализирани преку програмата во периодот 2021-2022 година на територија на Република Северна Македонија.“

Ова е потврда дека Еразмус Плус е потврден меѓународен амбасадор на нашата држава преку кој странците ја запознаваат културата и традицијата на нашата земја, гостопримството на македонскиот народ, директно овде ги трошат грантираните средства, додека позитивните искуства ги споделуваат во нивните држави.

Најново

Последни колумни