228 луѓе загинаа во Атлантикот, 17 години подоцна судот ги прогласи виновни Ер Франс и Ербас

Седумнаесет години по една од најстрашните авионски несреќи во историјата на француската цивилна авијација, апелациониот суд во Париз ги прогласи Ер Франс и Ербас за виновни за убиство од небрежност. Пресудата се однесува на падот на летот AF447, кој во 2009 година исчезна над Атлантскиот Океан на релација Рио де Жанеиро – Париз, при што загинаа сите 228 патници и членови на екипажот.

Судот утврдил корпоративна одговорност кај авиокомпанијата и кај производителот на авионот, иако двете компании претходно беа ослободени од обвиненијата во 2023 година. Сега им е изречена максимална парична казна од по 225.000 евра, сума што дел од семејствата на жртвите ја оценија како симболична во однос на размерот на трагедијата.

Летот AF447 се урна на 1 јуни 2009 година, откако авионот Ербас А330, летајќи низ силна бура, влегол во застој и паднал во океанот. Загинаа 216 патници и 12 членови на екипажот, меѓу кои државјани на повеќе од 30 земји.

Остатоците од авионот беа пронајдени по долга и сложена потрага во оддалечен дел од Атлантикот, на повеќе од 1.000 километри од брегот на Јужна Америка. Црните кутии беа извлечени дури во 2011 година, две години по несреќата, што ја направи истрагата една од најтешките во поновата авијациска историја.

Француските истражители претходно заклучија дека до падот довела комбинација од технички проблем со сензорите за брзина и несоодветна реакција на пилотите во критичниот момент. По несреќата беа променети сензорите, а обуката на пилотите беше дополнително заострена.

Ер Франс и Ербас ги негираат обвинувањата, а според најавите, се очекува компаниите повторно да ја обжалат пресудата. Семејствата на жртвите, пак, ја поздравија одлуката како задоцнета, но важна потврда дека трагедијата не била само несреќен случај без одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс