Латвискиот национален авиопревозник „Ер Балтик“ поднесе барање за заштита од доверителите во Њујорк според американскиот закон за банкрот. Компанијата вчера објави дека влегува во доброволно судско реструктуирање за да се справи со натрупаните финансиски обврски. Раководството посочи дека воениот конфликт во Иран предизвика драстичен скок на цените на авионското гориво, што целосно ги блокираше преговорите со заемодавачите. Л летовите засега продолжуваат без прекин.
За да спречи колапс на секојдневните операции, превозникот обезбеди финансиски појас за спасување од 350 милиони евра. Парите доаѓаат од група приватни кредитори предводени од „Барклис“, „Морган Стенли“, „Оуктри капитал менаџмент“, „Хејфин“ и „Стратеџик велју партнерс“.
Овие средства треба да ја одржат ликвидноста додека трае правниот процес пред судот во Соединетите Американски Држави.
„Во следните месеци ќе разговараме со сите засегнати страни за да договориме одржливи услови“, изјави главниот извршен директор Ерно Хилден на прес-конференција.
Хилден појасни дека договорената каматна стапка за итниот заем изнесува околу 12 проценти, со забелешка дека аранжманот мора прво да добие одобрение од надлежниот судија. Според неговите проекции, планот за стабилизација предвидува раст на годишната добивка за 44 милиони евра.
Судската документација поднесена во Њујорк открива брзо повлекување од скапите инвестициски планови. „Ер Балтик“ ќе го искористи стечајниот механизам за да ја откаже или замрзне нарачката вредна 3,5 милијарди долари за купување на 40 нови летала од европскиот производител „Ербас“.
Потегот директно ги погодува и добавувачите на опрема. Авиокомпанијата најави дека ќе го одложи приемот на авионски мотори од производителот „Прат и Витни“ вредни 106,7 милиони долари. Раководството веќе испратило официјално известување до „Ербас“ за запирање на сите испораки договорени за периодот по крајот на оваа година. Корпорацијата „РТХ“, под чија капа работи „Прат и Витни“, засега одбива да ги коментира потезите на балтичкиот партнер.