Утре, на 19 мај, во хотелот DoubleTree by Hilton Skopje ќе се одржи петтото јубилејно издание на годишната конференција EqualXChange vol.5: „Money. Mind. Influence.“, во организација на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA. Настанот веќе предизвика голем интерес во домашната бизнис-заедница, а според организаторите, се очекува присуство на повеќе од 200 учесници од приватниот сектор – извршни директори, менаџери, HR професионалци, претприемачи и носители на одлуки.
Годинашната тема „Money. Mind. Influence.“ ги отвора прашањата за финансиската писменост, носењето одлуки во услови на економска неизвесност, менталната издржливост на лидерите и вработените, како и влијанието на комуникацијата, продажбата и организациската култура врз развојот на современите компании. Организаторите посочуваат дека конференцијата има цел да понуди практични искуства и реални примери од луѓе кои секојдневно управуваат со тимови, бизнис-раст и организациски промени.
EqualXChange во изминатите години прерасна од иницијатива фокусирана на родова еднаквост во еден од препознатливите бизнис-настани кај нас, отворајќи теми поврзани со лидерството, продуктивноста, човечкиот капитал и современите модели на работа. Во услови кога компаниите сè повеќе се соочуваат со предизвици поврзани со задржување на кадар, burnout, организациски притисоци и брзи технолошки промени, ваквите конференции стануваат простор за размена на искуства и стратегии за адаптација.
Програмата на конференцијата ќе вклучува keynote презентации, panel дискусии, fireside chat разговори и networking сегменти, а меѓу говорниците се најавени Иван Ивановски од PrimeClass.mk, Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA и Асоцијацијата за е-трговија, д-р Катерина Бошевска од EOS Matrix Македонија и Косово, Коста Петров од P World, Бобан Милошевски од Avalon продукција, Трајче Николов од Пивара Скопје, како и експерти од областа на бизнис-психологијата, лидерството, wellbeing културата и дигиталната економија.
Конференцијата ќе има и expo и networking сегмент, посветен на компании и организации кои работат на создавање поинклузивна и одржлива работна средина. Настанот е поддржан од повеќе компании и организации од приватниот сектор, меѓу кои PrimeClass.mk, EOS Matrix Македонија, Пивара Скопје, A1 Македонија, Halkbank и други партнери и поддржувачи на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA.