„Зависен сум како и сите“: Ендру Гарфилд за скриениот Инстаграм

Британскиот актер призна дека троши часови гледајќи јапонска керамика и предупреди дека платформите се направени да ги искористуваат слабостите.
Фото: Gage Skidmore

Иако официјално нема јавни профили на социјалните мрежи, британскиот актер Ендру Гарфилд откри дека користи таен профил на Инстаграм и дека се бори со сериозна зависност од времето поминато пред екран. Во разговор за магазинот „Вараети“, Гарфилд изјави дека известувањата за потрошените часови му предизвикуваат фрустрација бидејќи смета дека го губи времето на содржини без суштинска вредност.

Гарфилд објасни дека и покрај обидите да остане надвор од дигиталниот свет, најчесто се фаќа себеси како со часови прегледува профили посветени на необична керамика и традиционални јапонски занаетчии. Според него, известувањата за дневното време поминато пред телефон го вознемируваат бидејќи му покажуваат колку внимание изгубил залудно.

„Зависен сум како и сите други. Известувањата за потрошеното време ми се ужасни. Се чувствувам како да сум ги фрлил сите тие часови на апсолутно ништо“, изјави актерот.

Проблемот според Гарфилд лежи во самиот алгоритам и дизајнот на апликациите, кои се создадени директно да ги таргетираат човечките навики и инстинкти. Тој смета дека корисниците имаат многу помала контрола врз своите импулси отколку што мислат, оценувајќи го механизмот како манипулативен и мрачен.

Како единствено функционално решение во моментов, тој го издвојува физичкото одвојување од уредот.

„Мислам дека сите сме почувствувале желба да го скршиме телефонот или да го фрлиме во шума или море. Добив совет, а и самиот се уверив, дека оставањето на телефонот во друга просторија решава најголем дел од проблемот. Штом е во иста соба со тебе, готов си“, објасни тој.

Темата за односот на луѓето со современите технологии е присутна и во неговите актуелни филмски проекти. Гарфилд игра во семејната авантура „The Magic Faraway Tree“, каде децата се зависни од екрани, но и во претстојниот филм „Artificial“ на режисерот Лука Гвадањино, посветен на директорот на „OpenAI“, Сем Алтман.

Актерот објасни дека го привлекуваат вакви проекти токму поради тензијата меѓу придобивките од технологијата и опасноста таа да ги прекине врските на човекот со самиот себе и со природата. Целта, според него, не е технологијата да се прогласи за апсолутно лоша, туку да се најде рамнотежа во секојдневниот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс