Шпанската уметница Енар де Диос Родригез со изложба во Скопје го отвора прашањето за контролата на небото

Посетителите во студиото „Приватен принт“ ќе можат да го погледнат аудиовизуелниот есеј „Над сè“ и да проследат разговор за современите просторни окупации.

Аудиовизуелниот есеј и просторна инсталација „Над сè“ на шпанската уметница Енар де Диос Родригез ќе биде отворена на 28 август 2026 година, во 20 часот, во студиото „Приватен принт“ во Скопје. Настанот во главниот град ќе понуди спој на современа визуелна уметност и критичка дискусија преку уметнички разговор меѓу авторката и Софија Григоријаду. Поставката ќе биде отворена за јавноста сè до 19 септември 2026 година.

„Над сè“ е аудиовизуелен есеј од Енар де Диос Родригез, кој го води погледот на гледачот кон  највисокиот покрив над нас. Оваа последна граница достапна за антропоцентрично окупирање – незабележлива за окото, но сеприсутна, без облик, но суштинска за сите живи тела, без  сопственик, но оставена кој било да ја искористува – покренува прашања за тоа како овој простор  е замислен, окупиран и легализиран денес. Кој има право да го окупира? Кои се апаратите што го  населуваат? Видеото е придружено со просторна инсталација. 

Енар де Диос Родригез е визуелна уметница од Шпанија, која работи и живее во Виена, Австрија  и чија практика го истражува пресекот на економските, социополитичките, историските и  еколошките сили. Работејќи преку видео, фотографија и инсталација, таа ги истражува начините  на кои териториите се произведуваат, контролираат и трансформираат, привлекувајќи внимание  кон инфраструктурите и технологиите што го обликуваат современиот живот. Во 2024 година,  заедно со Андреа Стивс, е авторка на книгата „Let It Return“, објавена од PrivatePrint. 

Оваа изложба е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“ курирана од Илија  Прокопиев и Марија Христова, првично создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана  во јуни 2025 година. Во 2026 година, се сели во студиото на Приватен принт како дисперзирана  програма од 5 мали самостојни изложби во текот на целата година.  

Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026, е кофинансирано од Министерството за  култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Шпанија во Скопје. 

Програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова и организирана во соработка  со Tиииит! Инк., а поддржана од Kvinna till Kvinna и Embassy of Sweden in Skopje. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс