Зошто Емиратите излегуваат од OPEC по речиси 60 години?

Обединетите Арапски Емирати ќе го напуштат OPEC, што ќе им овозможи да произведуваат повеќе нафта во период на голема нестабилност на глобалниот пазар.

Обединетите Арапски Емирати ќе ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта, OPEC, по речиси шест децении членство. Потегот претставува сериозен удар за групацијата на големите производители на нафта и доаѓа во момент кога светскиот пазар е под силен притисок поради војната во Иран и кризата околу Ормускиот Теснец.

Државната новинарска агенција WAM објави дека Емиратите планираат официјално да излезат од OPEC во петок. Одлуката се однесува и на OPEC+, поширокиот формат во кој членуваат и други големи производители, меѓу кои и Русија.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена по анализа на „сегашните и идните капацитети“ на земјата и дека е заснована на националниот интерес и намерата Емиратите поефикасно да одговорат на итните потреби на пазарот.

Излегувањето од OPEC, каде Емиратите членуваат од 1967 година, ќе им овозможи да се ослободат од ограничувањата за производство што ги поставува организацијата.

Робин Милс, извршен директор на консултантската компанија QamarEnergy од Дубаи, за CNN објаснува дека квотите на OPEC неодамна ги ограничувале Емиратите на 3,2 милиони барели дневно, додека реалниот капацитет на земјата е речиси 5 милиони барели дневно.

Краткорочно, влијанието врз глобалниот пазар може да биде ограничено, бидејќи Ормускиот Теснец и натаму е во голема мера затворен. Низ овој теснец во нормални услови минува значаен дел од нафтата и природниот гас што ги извезуваат производителите од Персискиот Залив.

Сепак, аналитичарите оценуваат дека по повторното отворање на Ормускиот Теснец, глобалните залихи на нафта би можеле да бидат поголеми отколку што би биле доколку Емиратите останеа во рамките на производствените ограничувања.

„Пошироката слика е дека UAE едвај чекаат да испумпуваат повеќе нафта“, оценува Дејвид Оксли, главен економист за клима и суровини во Capital Economics, посочувајќи дека земјата во последните години вложила значителни средства во зголемување на производствените капацитети.

Министерот за енергетика на Емиратите, Сухаил Ал Мазруи, изјави дека одлуката ги одразува „долгорочните пазарни основи“. Тој порача дека земјата останува посветена на енергетската безбедност, стабилните глобални пазари и сигурното снабдување.

Според податоците на OPEC, земјите членки заедно учествуваат со нешто повеќе од една третина во светското производство на сурова нафта и располагаат со 79 проценти од вкупно докажаните резерви.

Роберт Могиелницки од Polisphere Advisory оценува дека одлуката на Емиратите покажува засилен фокус на националните интереси меѓу земјите од Персискиот Залив.

„Оваа одлука се подготвуваше извесно време, но доаѓа во клучен момент и за Блискиот Исток и за самиот OPEC“, изјави тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни