Емануела Ковачевска Китановска: Пишувањето како внатрешен императив

Младата поетеса од Скопје, која твори меѓу македонскиот и францускиот културен простор, зборува за „Второ детство“, женското поетско наследство и пишувањето како начин да се преведе она што чувствата не секогаш можат да го именуваат.

Во деновите кога светот го одбележува Меѓународниот ден на книгата, Трн разговара со Емануела Ковачевска Китановска, млада поетеса од Скопје, авторка која поезијата не ја доживува само како книжевен израз, туку како внатрешна потреба, лична карта на чувствата и начин на разговор со светот.

Емануела е дел од новата генерација млади авторки кои пишуваат од интимното, но зборуваат пошироко: за детството, загубата, преобразбата, јазикот и женското поетско наследство. Нејзината стихозбирка „Второ детство“ отвора простор за враќање кон себе, но и за ново созревање, додека преку проектот „Ехо на нејзиното мастило“ таа потсетува дека македонските поетеси не смеат да останат во сенка.

Меѓу Македонија и Франција, меѓу мајчиниот јазик и францускиот, Емануела создава поетски свет во кој пишувањето станува обид да се именува невидливото, а стихот, како што вели таа, е „внатрешен императив“ што ѝ диктира како да пее низ животот.

Трн: Како почна твојата приказна со пишувањето, односно кога сфати дека стихот не ти е само љубов, туку и твој начин да зборуваш со светот?

Емануела: Кога бев дете сонував повеќе од три соништа во денот и не правев разлика помеѓу реалноста и сонот. Пишувањето е потсвесна потреба да го раскажам или да го преведам она што го чувствувам, а често чувствата биле безимени. Како да е тоа некој внатрешен императив кој ме избрал и ми диктира да пеам. Секогаш сум била наклонета кон поетската судбина и кога не знаев што е судбина или што е поезија – и тоа беше чудно во околностите и со условите во кои растев. Едноставно тежнеев да го пишувам она што од секогаш сум сакала да го читам.

“Ја држам твојата продолжена рака, слушни ја мојата песна, но не и нејзините зборови.”
од песната Клучалка

Трн: Твојата стихозбирка „Второ детство“ носи многу нежен, но и силен наслов. Што е тоа „второ детство“ за тебе, бегство, враќање кон себе или ново созревање?

Емануела: Имав многу бурно детство проследено со смртни случаеви, зачестени преселби, луѓе кои одлучија да се повлечат во сенка. Волјата да се изразам беше посилна и за да се живеам во светлина како катарзична ѕвезда која се двои на секој чекор. Тоа е само една од причините зошто ја носам храброста како симбол. Насловот за мене е торнадо кое конечно се смирува на земјата, а во четирите циклуси ја опевам суштинската љубов, исконскиот молк и преобразбата.

Ќе бидеш ли слобода под мои пазуви, о ти птицо што крилја немаш?
од песната Душата е зависна од смртта

Трн: Во проектот „Ехо на нејзиното мастило“ отвораш простор за женски гласови и траги што не смеат да останат тивки. Каква беше твојата идеја зад овој проект и што сакаш да разбуди кај читателите?

Емануела: Проектот го делам со мојата драга пријателка Винсент Вилчник од Словенија. Кога зборувавме за поетесата Даница Ручигај која е пола македонка и пола словенка се изненадив дека учат за нејзе во нивниот образовен систем, за разлика кај нас што немаме увид која е Даница Ручигај или воопшто за нашите први македонски поетеси и нивните песни. “Ехо на нејзиното мастило” не е носталгија, тоа е современ меч. Мора да ги знаеме и читаме нашите претходнички. Се надевам дека понатаму ќе правиме повеќе настани, со можност да ги прошириме надвор од Македонија.

Трн: Живееш и меѓу два културни контексти, францускиот и македонскиот. Колку живеењето во друга средина ти го менува погледот кон јазикот, кон поезијата и кон самата себе?

Емануела: Живеејќи близу до хотелот каде Фитцџералд го пишувал својот роман “Нежна е ноќта”, и работниот простор на Клод Моне, се чувствувам како да живеам во нивните дела. Тука францускиот јазик е секојдневие, тие не зборуваат друг јазик и одбиваат да живеат во свет подалечен од нивниот, нивната бунтовност е само во нивните рамки. Самата структура на јазикот е сложена. Според мене, таа е производ од звуци што постојано се развива, а понекогаш ни самите тие не можат да се разберат. Учењето на јазик бара да го живееш, да создадеш нов идентитет кој кореспондира со лингвистиката. Но, не можеш да сонуваш на друг јазик освен на сопствениот, и токму затоа се уште се трудам.

Трн: Што има Франција, а најмногу ѝ недостига на Македонија, кога станува збор за културниот живот и просторот за млади автори?

Емануела: Како во Македонија така и во Франција забележувам дека сите гравитираат кон главниот град за подобри можности, поголеми забави или пошироки остварувања. Иако во секој град има редовна програма за фестивали, настани, значи континуиран однос кон културата – ми недостасува нашиот друштвен дух, нашата храна и нашата музика. Французите ги доживувам како многу систематски народ, не се толку лежерни како што се претставуваат, но очигледно тоа функционира. Бранот на млади автори се случува моментално на Балканот кај нас, и полесно може да се истакнеме затоа што сме помал број на народ. Тука е потешко, тука луѓето вистински живеат од уметност.

Трн: Бидејќи францускиот јазик е важен дел од твојот свет, дали понекогаш стихот ти доаѓа прво на француски, и дали тоа значи дека во иднина можеме да очекуваме и нешто твое објавено на француски јазик?

Емануела: Допрва мислам дека ќе почнам да се занимавам културно и уметнички со јазикот, затоа што веќе неколку години го изучувам и сега станува алатка со која можам да функционирам, да се запознавам и да си играм. Песната “ Месечарам” е напишана крај брегот на реката Рона во градот Арл, и би сакала следната збирка да ја издадам во двојазично издание затоа што творам меѓу два света. Моментално работам на повеќе проекти, меѓу кој и драмски текст. Би сакала после моето дипломирање да продолжам да се занимавам со драмскиот свет, но тоа го оставам на блиската иднина.

О, Боже,
дари и сон на реката,
таа не знае за мојот мост
без столбови.

Од песната Месечарам

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни