Американската војска подготвува нови воени планови за удари врз иранските капацитети во Хормузкиот теснец доколку тековното примирје пропадне, јавува CNN повикувајќи се на повеќе извори запознаени со плановите. Истовремено, САД за прв пат концентрираат три носачи на авиони во регионот.
Три носачи на авиони во регионот, историски рекорд
САД се на пат да имаат три носачи на авиони во Блискиот Исток во наредните денови. USS Abraham Lincoln е во Оманскиот Залив кај Хормузкиот теснец, USS Ford е во северното Црвено Море по едно од најдолгите распоредувања во историјата, а USS George HW Bush патува северно преку Индискиот Океан откако ја заобиколи Африка за да избегне опасниот Баб ел-Мандеб теснец.
Пентагон планира „динамично таргетирање” во Хормуз
Американските воени планери подготвуваат опции за удари со посебен фокус на „динамично таргетирање” на иранските капацитети околу Хормускиот теснец, јужниот Арапски Залив и Оманскиот Залив, вклучувајќи брзи ударни чамци, минополагачи и други асиметрични средства, јавува CNN повикувајќи се на повеќе извори запознаени со плановите.
Воените удари сами по себе не гарантираат отворање на теснецот
Воените удари, сами по себе, веројатно нема веднаш да го отворат пловниот пат, предупредуваат повеќе извори, вклучувајќи и еден висок брокер за бродски осигурувања. Трамп претходно се закани дека ќе ги уништи иранските електрани и мостови доколку не се постигне договор.
Иран возврати со заплена на бродови
Иран во средата запленил два странски товарни бродови кои се обидувале да излезат од Хормузкиот теснец и пукал врз трет, во најновата ескалација на тензиите. Претходно, американската морнарица го запленила иранскиот брод „TOUСКА”, а Иран го осуди тоа како „пиратерија”.
Цената на нафтата расте, пазарите нервозни
Продолжената неизвесност во Хормускиот теснец ја турна цената на суровата нафта Брент до околу 100 долари за барел, што е 50 отсто повеќе отколку пред година дена.