Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека нема да употреби нуклеарно оружје против Иран и нагласи дека такво оружје „никогаш никому не би требало да му се дозволи”. Трамп го рече тоа одговарајќи на прашања на новинари во Белата куќа за можен судир со Техеран.
„Зошто би користел нуклеарно оружје? И без него, на сосема конвенционален начин, целосно ги уништивме”, рече Трамп, осврнувајќи се на состојбата на иранската армија. Изјави дека американската војска би можела да неутрализира секое ново вооружување на Иран за приближно еден ден.
Квалитетен договор
„Нивната морнарица исчезна. Нивните воздушни сили исчезнаа, нивната противвоздушна одбрана исчезна. Можеби малку се вооружиле за време на двонеделната пауза, но ние тоа ќе го неутрализираме за приближно еден ден, ако е така”, додаде Трамп.
На прашањето колку долго е подготвен да чека на долгорочен мировен договор со Иран, Трамп одговори: „Не брзајте ме.” Поjaсни дека неговата цел не е брз, туку квалитетен и траен договор. „Сакам да склучам најдобар договор. Можев да го склучам веднаш, но тоа не го сакам. Сакам да биде траен”, рече тој.
Трамп се осврна и на општата закана од нуклеарното оружје, сликовито опишувајќи ги последиците од таков судир во Европа. „Мислам дека не би имало ништо полошо од нуклеарен холокауст во Европа — Лондон, Париз, разни места во Германија, сите би биле мета”, изјави тој.