Објавен 12. број на (Е)Лит: нови рубрики, поезија и стрип

Објавен е дванаесеттиот број на електронското списание (е)Лит, со збогатена содржина и нови серијализирани рубрики. Бројот носи поезија, проза, уметност и сеќавања на значајни автори од македонската сцена.

Здружението Креативна верига го објави новиот, 12. број на електронското списание (е)Лит, кое овојпат доаѓа со проширена содржина и нови тематски целини што најавуваат продолжување во следните изданија.

Списанието останува посветено на промоција на читањето како културна и општествена навика, но во овој број значаен акцент е ставен и на книжевната критика, како и на рецензиите од современата литература.

Во новото издание се поместени и текстови посветени на сеќавања на значајни автори. Редакцијата посебно го издвојува писателот и есеист Мишо Јузмески, на петгодишнината од неговата смрт, како и поетот Тоде Илиевски, во чија чест се организира годишниот конкурс за детска поезија „Тоде“.

Во делот за поезија се застапени повеќе автори од македонската книжевна сцена, меѓу кои Владимир Мартиновски, Весна Ацевска, Снежана Стојчевска и други, додека во прозниот дел се вклучени современи автори како Оливера Ќорвезироска и Анде Јанков.

Од регионалната сцена е застапена и поезија на грчкиот автор Сотирис Минас, што дополнително ја нагласува интеркултурната димензија на списанието.

Во уметничкиот дел, рубриката „Четка, четка, четкичка“ го претставува творештвото на Ана Калајџиева, додека стрип-сегментот е посветен на здружението „Макстрипови“.

Списанието (е)Лит е финансиски поддржано од Министерството за култура и туризам, а новиот број е достапен за бесплатно преземање онлајн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс