Tројца припадници на украинските Сили за специјални операции се повредени, а контактот со уште петмина е изгубен по детонација на муниција на воен полигон во областа Хмелницки, во западна Украина.
Инцидентот се случил вчера, а украинските Сили за специјални операции соопштија дека на терен се тимови за пребарување.
„Тимовите за потрага во моментов го пребаруваат местото на настанот“, соопштија Силите за специјални операции на социјалните мрежи.
Муницијата детонирала со часови
Според информациите, инцидентот започнал околу 11:55 часот по локално време, а муницијата продолжила да детонира сè до 19 часот.
Причината и околностите под кои дошло до експлозијата засега не се познати.
Украинското Државно истражно биро отвори кривична постапка поради можно прекршување на правилата за ракување со оружје, муниција, експлозив и други опасни материјали.
Оштетени станбени и јавни објекти
Градоначалникот на Хмелницки, Олександр Симчишин, соопшти дека засега нема потврдени информации за загинати.
Во експлозијата биле оштетени повеќе станбени и јавни згради, а од безбедносни причини дел од линиите на јавниот превоз биле привремено пренасочени.
Тој додаде дека полицијата ги предупредила жителите во зоната каде што би можеле да паѓаат делови од експлодираната муниција, а областа околу местото на настанот била оградена.
Втор голем инцидент со муниција за помалку од еден месец
Експлозијата се случи помалку од еден месец по уште една голема детонација на муниција во Украина.
На 6 јули, руски напад погоди складиште во Вишневе, град на западниот раб на Киев, предизвикувајќи низа секундарни експлозии. Во тој инцидент загинаа седум лица, а 29 беа повредени.