Снажна експлозија денеска одекна во фабрика за муниција во близина на градот Колеферо, југоисточно од Рим. Детонацијата се слушна на километри оддалеченост, а огнот зафати погон со кој управува компанијата „КНДС Амо Италија“ (KNDS Ammo Italy). Во моментот на инцидентот објектот бил затворен поради летните одмори, што спречи поголема трагедија. Службите за спасување се на терен и го гаснат пожарот.
Градоначалникот на Колеферо, Џулио Каламита, изјави за медиумите дека ситуацијата е под контрола и дека ги очекува официјалните потврди дека во инцидентот нема загинати ниту повредени лица. Според неговите зборови, експлозијата се случила во период кога фабриката била затворена поради летниот колективен одмор.
BREAKING:
— Visegrád 24 (@visegrad24) August 13, 2026
A large explosion and fire hit a munitions plant in Colleferro, south of Rome, Italy.
The blast occurred at the plant owned by the major Italian defense manufacturer KNDS Ammo Italy, which produces medium- and large-caliber ammunition and solid rocket fuels.
🇮🇹 pic.twitter.com/MM1PuWXEyG
„Инаку ова ќе беше вистинска трагедија“, истакна Каламита пред новинарите.
Пожарникарите и полициските екипи веќе интервенирале на терен за справување со пожарот кога одекнала силната детонација. Телевизиските снимки од местото на настанот прикажуваат голем столб од чад што се издига над индустриската зона во близина на италијанската престолнина.
Погонот во кој се случи експлозијата е под управување на „КНДС Амо Италија“, дел од истакнатиот француско-германски одбранбен конзорциум КНДС. Оваа компанија е специјализирана за производство на муниција од среден и голем калибар за копнени и поморски одбранбени системи, како и за цврсти погонски горива за ракетни и вселенски системи.
Компанијата „КНДС Амо“ е и еден од главните договорни партнери во рамковните спогодби на Европската одбранбена агенција за набавка на артилериска муниција од калибар 155 милиметри, потпишани во 2023 година. Од раководството на компанијата сè уште нема официјален коментар за причините кои доведоа до оваа детонација.