Експлозии во Ријад: Гори резервоар на „Арамко“ кај главниот аеродром

По ноќното предупредување за непријателски воздушен напад, црн чад го прекри аеродромот „Крал Калид“ и предизвика масовни откажувања на летови.

Силни експлозии одекнаа денеска во Ријад, по што изби голем пожар во резервоар за гориво на нафтената компанија „Арамко“ во близина на меѓународниот аеродром „Крал Калид“. Инцидентот се случи само неколку часа откако саудиските власти испратија предупредување за воздушна закана до жителите на главниот град, а воздушните власти веќе бележат сериозни прекини и откажувања на меѓународните летови.

Густ столб од црн чад и пламен се креваат од комплексот за складирање гориво непосредно до аеродромската писта. Репортерите на Франс прес од терен потврдија дека противпожарните екипи се обидуваат да го локализираат огнот на опожарен резервоар што го носи логото на државниот нафтен гигант „Арамко“. Сведоци за Ројтерс изјавија дека слушнале неколку последователни детонации од тој правец.

Официјален Ријад засега молчи за причините за пожарот. Властите не објавуваат дали инцидентот е директна последица на воен напад од јеменските хути, иако сомнежите во јавноста растат по синоќешните безбедносни сирени.

Платформата за следење летови „Флајтрадар24“ го постави аеродромот „Крал Калид“ на највисоко ниво на нарушување. Тоа означува долги одложувања на полетувањата и десетици откажани рути кон европските и азиските дестинации.

Патниците со часови чекаат информации на терминалите, додека авиокомпаниите ги пренасочуваат своите летала кон алтернативни писти во Персискиот Залив.

Саудиската цивилна заштита во текот на ноќта испрати директна порака до телефоните на жителите на Ријад со предупредување за „непријателска воздушна закана“. Властите тогаш апелираа сите да останат во затворени простории и да не се приближуваат до прозорци. Ова е прво вакво официјално предупредување за воздушен напад издадено за саудиската престолнина по подолг период на релативно затишје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс