Во раните утрински часови во Солун се случиле три координирани напади со импровизирани експлозивни и запаливи направи пред станбени згради во кои живеат членови и функционери на грчката владејачка партија Нова демократија, објави „Катимерини“.
Инцидентите се случиле меѓу 4:00 и 4:45 часот на три различни локации во градот.
Според првичните информации, експлозивните направи биле составени од плински боци и запалив материјал. Во првите два напада е причинета само материјална штета, додека во третиот дошло до запалување на автомобили и мотоцикли, при што има и повредени лица.
Во инцидентот се повредени пет лица. Меѓу нив е и кандидатката за пратеник од Нова демократија, Афродити Нестора, која се здобила со изгореници. Нејзината мајка е во критична состојба и е пренесена на интензивна нега, додека уште тројца жители се хоспитализирани поради вдишување чад
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис отпатувал во Солун и ги посетил повредените. Тој нападите ги оцени како „кукавички обид за убиство“ и порача дека политичкото насилство нема место во демократско општество.
Полицијата спроведува истрага, а засега никој не ја презел одговорноста за нападите. Првичните сознанија укажуваат дека цел биле лица поврзани со владејачката партија. Мицотакис порача дека државата ќе има „нулта толеранција“ кон каков било облик на политички или „нов тероризам“, нагласувајќи дека сторителите ќе бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.